Ќе најде ли Фатмир Битиќи решение за економските проблеми?

Мирче Јовановски

Предлогот Фатмир Битиќи да биде вицепремиер за економски прашања во новата влада не беше изненадување во јавноста, особено откако коалициските партнери ги распределија ресорите и министерството за финансии отиде во рацете на ДУИ.

Tој беше прилично активен во промовирањето на предизборната програма на СДСМ, но и во образложувањето на владините мерки за справување со корона кризата, било на јавни настапи, интервјуа, ТВ дебати или авторски колумни и полемики. Како претседател на партиската Комисија за финансии, секако беше и еден од креаторите на тие мерки. На една од прес конференциите, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека би му било чест доколку добие функција во новата влада.

Она што е непознато во моментов, е колку Битиќи ќе биде успешен во едно од најважните работни места во владата кое ги обединува сите економски ресори и дали ќе најде вистински решенија за предизвиците кои допрва доаѓаат – од една страна градење на функционална пазарна економија која што ќе треба да се носи со конкуренцијата од ЕУ, а од друга – многу поакутен – зафаќање со натрупаните проблеми во стопанството поради корона кризата, но не и само поради неа. Потребите на фирмите се големи, предизборните ветувања на СДСМ уште поголеми, а можностите се прилично ограничени.

Иако не е директно предложен од стопанските комори како што беше Кочо Анѓушев во претходната влада предводена од СДСМ, Битиќи сепак има длабоки врски со стопанската заедница во земјава – тој во периодот 2015 – 2017 година и претходно во 2012-2013 беше Извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, залагајќи се бизнисот да зборува во еден глас и да настапува единствено пред надлежните институции во државата.

Некои познавачи велат дека токму неможноста да се излезе со заедничка платформа на неколкуте асоцијации на стопанствениците во земјава било една од причините за напуштање на коморските активности. Паралелно со работата во комората, но и пред тоа, Битиќи има искуство како фриленс консултатнт, или како дел од повеќе невладини и други организации во Македонија и во Косово. Така, во изминатите пет години работел на разни проекти кои што се поврзани со стратешко управување, градење на капацитети и консултантски активности за собирање фондови за општини, деловни активности.

Овој економист своето образование го стекнал на тетовскиот Универзитет на југоисточна Европа, а студирал и бизнис администрација на универзитетот во Тирана, соседна Албанија.

Од биографијата која што ја има и на социјалната мрежа за професионалци Линкдин, може да се види дека Битиќи меѓу другото бил заменик во Проектот за деловен екосистем на УСАИД во Македонија – Паладиум, потоа работел како експерт за Националната канцеларија за ревизија на Косово, потоа за ГИЗ – Приштина како експерт за изготвување на концепциски документ за регионален развој, бил координатор за прекугранична соработка, техничка помош за програма за прекугранична соработка ESEP Ltd, бил извршен директор во консултантска компанија, тренер – консултант во МЦМС и тн. Покрај мајчиниот албански јазик, течно зборува и англиски, македонски и српски, а се служи и со германски.

Битиќи е роден на 26 октомври 1975 година во Бутел, Скопје. Оттаму, не чуди што неговите соседи од оваа скопска општина, од сите националности, уште по добивањето на официјалната потврда Битиќи да биде вицепремиер, не го криеја задоволството на Фејсбук дека човек од нивната средина ќе биде на висока и одговорна позиција во извршната власт.

Сигурно е дека неговите над 19 години професионално искуство во областите на лидерство и советување ќе бидат важен елемент во она што ќе го работи во наредниот период. Оние кои што го познаваат (а тоа можеше да види и од неговите настапи на прес конференциите и на ТВ дебатите), векат дека Битиќи не бега од аргументирани дискусии. Напротив, нив ги доживува како можност да ја искаже својата стручност.

Тоа, како и одмереноста во настапите и отсуството на ароганција се неговите силни страни. Друго е дали тие ќе бидат доволни да послужат како клуч во отворањето перспективи за македонската економија и за исполнување на ветувањата за кои зборуваше и тој во предизборието.