„Ќе ме убие жената. Имавме резервирано за Ровињ“. Реакции во Црна Гора по забраните од Хрватска
Непожелните црногорски политичари се изненадени од одлуката на Загреб. Опозицијата вели тие ја срамат Цна Гора пред светот
Црногорските лидери кои Хрватска во четвртокот ги прогласи за непожелни личности се изненадени од одлуката на хрватското Министерство за надворешни работи, додека тамошната опозиција укажува на грешките на власта што доведоа до тоа членката на Европската унија да прогласи одредени црногорски лидери за личност персона нон грата.
Претседателот на парламентот Андрија Мандиќ, лидер на просрпската и проруската десница и еден од тројцата политичари кои се прогласени за непожелни во Хрватска, на седницата на собранието најави дека Црна Гора нема да преземе никакви реципрочни мерки во однос на одлуката на официјален Загреб со која Мандиќ, вицепремиерот Алекса Бечиќ и лидерот на десничарската Демократска народна партија Милан Кнежевиќ беа прогласени за непожелни. Мандиќ и Кнежевиќ се заедно во коалицијата „За иднината на Црна Гора“, која е дел од владејачкото мнозинство во Црна Гора, а на почетокот на неделата нивната коалиција доби министерски места во реконструираната влада на Милојко Спаиќ.
„Црна Гора останува посветена на добрососедските односи. А јас разбирам и дека Хрватска сака да води политика каква што сака“, рече Мандиќ, додавајќи дека целата приказна на крајот се сведе на реакција која се однесува само на тројца политичари.
„Ниту еден добронамерен човек не можеше да претпостави дека во 2024 година, модерна Хрватска ќе биде идентификувана со НДХ на таков начин што на лидерите на трите партии ќе им се забрани влез во Хрватска“, рече тој.
Мандиќ потсети дека по усвојувањето на резолуцијата за Јасеновац, тој поканил делегација на хрватскиот Сабор да ја посети Црна Гора и дека оваа покана сè уште постои. Тој, исто така, изјави дека останува на ставот дека Резолуцијата за Јасеновац е „мерка за нашата припадност на народите кои го наследуваат наследството на слободата, вистината, правдата и мирот“.
Потпретседателот на црногорската Влада и претседател на центристичката Демократска Црна Гора, Алекса Бечиќ, во четвртокот објави дека Хрватска го прогласила за непожелен бидејќи претставниците на неговата партија гласале за резолуцијата за геноцидот во Јасеновац и наведува дека тој самиот не се занимавал со Хрватска во своите јавни настапи ниту пак е претставник во парламентот на Црна Гора каде се гласаше за резолуцијата.
„Сепак, сѐ уште има претседатели на партии кои гласале и се членови на владата, така што очигледно нема критериуми. Има политика, како и досега во одлуките на некои други соседи“, рече Бечиќ во соопштението за медиумите.
Во обраќањето до државата Хрватска, тој изјави дека како национален Црногорец и претседател на граѓанската партија, ниту тој ниту неговата партија никогаш не ги поделил жртвите според вера и националност. „Затоа секогаш сме ги осудувале сите геноциди и злосторства, секогаш укажувајќи и пишувајќи повеќе од еднаш дека одговорноста е индивидуална и дека ниту еден народ не е и не може да биде геноциден“, рече Бечиќ.
Лидерот на десничарската Демократска народна партија (ДНП) Милан Кнежевиќ на мрежата Икс ја коментираше одлуката да биде прогласен за непожелен во Хрватска. „Значи, мојот дедо Милан, по кого сум именуван, залудно умре на Ѓурѓовден во 1945 година, ослободувајќи го Карловац од усташите и нацистите. Изгледа тие победија, а ние изгубивме“, напиша Кнежевиќ со коментарот „шега“ дека „неговата сопруга ќе го убие затоа што пропаѓа нивната резервација за Ровињ“.
Од друга страна, Дамир Шеховиќ од опозициските социјалдемократи рече дека фактот што една членка на ЕУ ги прогласила црногорските лидери за непожелни го покажува „ликот и суштината на сегашната препакувана и слабо составена владејачка партија“.
Претставникот на опозициската Демократска партија на социјалистите Иван Вуковиќ изјави дека новата влада ја срами Црна Гора пред светот.
„Претседателот на парламентот и вицепремиерот – персона нон грата во земја-членка на ЕУ. И несреќниот премиер чија партија ‘се уби’ докажувајќи го проевропскиот карактер на владејачкото мнозинство. И Црна Гора, несудената прва следната член на Унијата, која пред светот ја срамат сите заедно“, напиша Вуковиќ на Икс.
Опозициската Обединета реформска акција на Дритан Абазовиќ објави дека сега е јасно дека оваа политичка групација не може да ја внесе Црна Гора во ЕУ.
Хрватска ги прогласи црногорските политичари Андрија Мандиќ, Милан Кнежевиќ и Алекса Бечиќ за непожелни во Хрватска поради нарушување на добрососедските односи, објави во четвртокот хрватското Министерство за надворешни работи.