Ќе ја преживее ли Груевски оставката на Богоевски ?

Оставката што ја најави вчера пратеникот Павле Богоевски, кој влезе во Собранието како еден од предводниците на „Шарената револуција“, предизвика пресврт на седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Тој потег претставува своевиден преседан, со оглед на тоа што досега не се памети пратеник да замине од функцијата од етички причини.

Така, наместо очекуваната расправа дали поранешниот премиер Никола Груевски ќе остане пратеник, и покрај бегството од земјава и шестмесечното неоправдано отсуство од законодавниот дом, оставката на Богоевски, кој е и претседател на деловничката комисија, го смени текот на седницата и ја одложи најверојатно за следната седмица. Дотогаш опозицијата ќе има време одново да гради став дали ќе биде „за“ или „против“ одземање на мандатот на претходниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој подолго од една деценија беше неприкосновен и на „Илинденска“ и на партискиот врв. Богоевски ја пресретна вчера опозицијата, за која остана неизвесно со какви позиции влезе на комисиската седница во однос на преиспитувањето на пратеничкиот мандат на Груевски. Од ВМРО-ДПМНЕ велат единствено дека договорените позиции станале ирелевантни по оставката на Богоевски. Претходниот ден, од ВМРО-ДПМНЕ доаѓаа информации дека се двоумат дали треба да се поддржи одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот премер бидејќи има правна и уставна основа за тоа. Дел пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од независната пратеничка група, пак, излегоа со лични ставови дека не можат да одземат мандат што тие не го дале туку е добиен на непосредни избори, така што остана неизвесно дали и без оставката на независниот пратеник кој влезе во парламентот од листа на СДСМ ќе можеше да се обезбеди двотретинско мнозинство за Груевски и формално да биде отпишан од законодавниот дом.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, нè информира вчера дека за време на викендот ќе има нова координација за да се разгледа ситуацијата во врска со предлогот за одземање на мандатот на Груевски. Тој не кажа која била позицијата на ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање пред вчерашниот почеток на седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Богоевски ја најави својата оставка уште пред да биде утврден дневниот ред на комисиската седница. Тој се јави за реплика по предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за додавање нова точка за утврдување негова одговорност за прекршување на етичкиот кодекс на парламентот со аферата за наводна набавка на канабис за медицинска употреба. Богоевски ги повика опозициските пратеници да го повлечат предлогот затоа што, како што рече, гласањето за одземање на мандатот на Груевски ќе биде неговата последна одлука како пратеник во овој состав. Објасни дека оставката ја поднесува од морални причини.

– Гласот за одземање на мандатот на Груевски ќе биде мојот последен глас во ова Собрание. Оваа одлука ја донесов веднаш, во моментот кога се самопријавив во полиција. Фактот е дека, без разлика на причините за набавка на маслото од канабис за мое блиско лице, а на никој од вас не ви го посакувам тоа, јас сторив незаконски акт. Тоа е првата работа. Втора работа е дека може да се перципира дека мојата пратеничка позиција ќе влијае врз постапката што органите ја водат по мојата пријава за илегалното снимање, но и против мене за набавката од канабис. Ќе ја искористам оваа шанса уште еднаш да ги повикам органите на прогонот целосно да го истражат настанот – рече Богоевски.

Тој посочи и две причини поради кои сега ја соопштува одлуката.

– Прво, ми беше значајно да учествувам до крај во процесот на реформите на разузнавачките служби. Второ, оваа седница е причината зошто не соопштив веднаш. Чекав цела јавност да види колку далеку ќе отидете во вашата дрскост и да видат дека станува збор за хајка и за мерки и активности насочени кон заштита на вашиот премиер во бегство. Веќе не е прашање дали Богоевски има легитимитет да ја води комисијата што ќе му го одземе мандатот на Груевски. Сега е прашањето дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе покажат барем трошка од етиката и моралот со кој дрско се расфрлаа овие две недели и дали ќе го заштитат криминалецот во бегство или ќе му го одземат мандатот. Да не се лажеме, ако во Собранието нема место за човек кој прекршил закон за да купи масло од канабис за свое блиско болно лице, сигурно нема место за пратеник кој ги троши парите на граѓаните да плати хотел додека е во бегство од македонската правда – рече Богоевски.

Неговата одлука да се повлече од парламентот веднаш ја поздрави премиерот Зоран Заев посочувајќи дека потегот на Богоевски е храбар и етички. Тој посочи дека Богоевски е одличен пратеник и еден од симболите на „Шарената револуција“, поради што, нагласи, ќе му биде задоволство да продолжи да работи со него и во иднина. Прашан дали очекува пратениците да му го одземат мандатот на Груевски, посочи дека Уставот и Деловникот на Собранието се многу јасни и дека станува збор за чист случај.

– Тука барем нема политиканство. Имаме бегалец кој добил азил надвор од меѓународните стандарди. Верувам дека најмалку што треба да направи парламентот е да донесе принципиелната одлука. Тоа не значи дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ му мислат лошо и за нив е непријател – рече Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја нарекоа оставката на Богоевски „лажно продавање морал“.

– Оставката не е и не може да биде оправдување и амнестирање од направениот криминал. МВР и ЈО мора итно да спроведат акција врз основа на личното признание на Богоевски, за да се открие целиот синџир за трговија со наркотици, но и да се провери кои сè од претставниците на власта биле дел од таа криминална трговија или злоупотребувале наркотици. Очекуваме против Богоевски да бидат преземени мерки за обезбедување присуство имајќи предвид дека ја извршувал функцијата пратеник и може да влијае врз сведоци во истрагата – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тешкиот мандат во Деловничката комисија

Невообичаено, во споредба со претходните состави на парламентот, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања во мандатот на оваа парламентарна гарнитура имаше полни раце работа. На  Павле Богоевски, како еден од најмладите, а со тоа и најнесискусни пратеници, како претседател на оваа Комисија му припадна тешката задача да ги води седниците на кои  се одлучуваше за имунитетот на дузина пратеници од опозицијата, почнувајќи од шестмина што беа осомничени, а потоа петмина од нив и обвинети за настаните на 27 април, па до поранешниот и долгогодишен претседател на Собранието Трајко Вељаноски, кој сега е исто така осомничен, но како организатор на „крвавиот четврток“ во законодавниот дом.

Сепак, веројатно, најспоменувано во оваа Комисија беше името на поранешниот премиер Никола Груевски, за кого веќе имаше еден обид за одземање на мандатот, поради правосилната пресуда за случајот „Тенк“’, со констатација дека тоа го прави недостоен за извршување на пратеничката функција. Но тогаш беше невозможно да се обезбедат 80 гласови за Груевски да замине од пратеничката функција, што формално продолжи да ја извршува и по бегството во Будимпешта, за што добива и намалена пратеничка плата. Откако Груевски стана азилант, за него беа поведени неколу постапки за одземање на имунитетот преку Деловничката комисија, кои завршија успешно, со оглед на тоа што за одобрување притвор за пратеник се потребни минимум 61 глас. Но и покрај овие одлуки за одземање на имунитетот, Груевски може да заврши во притвор само ако се врати во државата.

Освен што е осуден на двегодишна затворска казна за набавката на луксузниот мерцедес, поранешниот премиер е обвинет или осомничен во уште неколку предмети на СЈО. Од пред неколку месеци, тој е под истрага и на Обвинителството за организиран криминал како можен организатор на настаните на 27 април 2017 година.

Кога избувна скандалот со аудио снимката за Богоевски тој изјави дека станува збор за „местенка“ пред очекуваната расправа за одземање на мандатот на Груевски.

Александра М. Митевска