Ќе ја послуша ли Заев американската амбасадорка?


Критика скриена во пофалба за Владата, или пофалба скриена во критика. Или двете спакувани во едно од најважната адреса. Новата амбасадорката на САД во земјава Кејт Брнс во интервју за Алсат се изјасни дека ставот на САД околу скандалот со случајот „Рекет“ кој го растресе општеството, е да има темелна, брза и транспарентна истрага. Таа вели дека САД ги уважуваат и ги поздравуваат чекорите што ги презема Владата за ставање крај на корупцијата и во борбата против неказнивоста. Но истовремено директно го повика премиерот Зоран Заев да преземе дејствија и одредени поединци од власта да бидат повикани на одговорност.

„Ова се многу сериозни тврдења, а во сите случаи каде што постојат тврдења за корупција и за злоупотреба на функцијата, ние поддржуваме темелна, брза и транспарентна истрага. Исклучително е важно, во секој случај со вакви тврдења, тие поединци да бидат повикани на одговорност, а Владата да презема дејствија. Ги уважуваме и ги поздравуваме чекорите што ги презема Владата за ставање крај на корупцијата и во борбата против неказнивоста. Но има уште работа што може да се заврши. Ние ќе продолжиме да го поттикнуваме премиерот Заев да бара одговорност од сите владини претставници и да гарантира дека без оглед на нивото на функцијата, луѓето треба да имаат доверба во владините институции и тоа што тие можат да сторат за нив“, вели Кејт Брнс, амбасадорката на САД.

Ретко кога амбасадори на така силни земји, велат аналитичарите, му праќаат директна порака на премиерот да расчисти со криминогените структури во своите редови. Вообичаено, велат тие, повиците се упатени до правосудните инстанци кои треба да ја донесат вистината и правдата. Очигледно, според нив, е дека силно најавуваната и неодамна спроведена „метла“ не ги задоволи очекувањата и дека допрва треба да претстои посериозно проветрување на неколку нивоа.

„САД се неформален лидер на Северноатлантскиот сојуз и секако дека чувствуваат одговорност со каков институционален и човечки капацитет и официјално ќе станеме 30 членка. Според очекувањата, тоа треба да се случи во декември“, вели професорот Ѓорѓи Тоновски.

Пораката на амбасадорката, вели тој, е кристално јасна – не смее да се прикрие ничија евентуална вина.

„Во суштина таа тоа немаше ни потреба да го каже бидејќи целата јавност подеднакво размислува. Сепак, реакцијата од така висока инстанца само ја потврдува сериозноста на ситуацијата. Заев не смее да ги штити туку треба да се ослободи од оние функционери кои навистина се инволвирани во незаконски дејствија. Реално, не сме единствена земја каде одредени политичари се инволвирани во криминал и корупција. Свеж е примерот, да речеме, со ексвицепремиерот на Австрија, Штрахе. Но тоа таму бргу се решава, кај нас има сериозен дефект во политичко-правниот систем и преземањето одговорност. Во таа насока само ќе кажам дека демократската јавност не е длабоко разочарана што паднал уште еден од многуте мафиози од повисок или понизок ков, туку што падна институцијата во која верувавме дека е новиот симбол на правдата и владеење на правото“, вели Тоновски.

Тој смета дека треба да има прочистување и во пониските слоеви на извршната власт. „Има една ирска поговорка која вели: Во подножјето на светилникот се стационирани најголемите штетници. Чистка треба да има и во структурите кои не се видливи за јавноста, кои дејствуваат зад сцената а се именувани како советници. Недозволиво е да речеме, премиерот од собраниска говорница да ѝ обзнани на јавноста дека ја презема функцијата министер за финансии, а по реакцијата на Антикорупциска комисија дека тоа е спротивно на новиот Законот за антикорупција да ретерира. Некој и за тоа мора да сноси одговорност како и за ред други киксови во јавноста“, вели Тоновски.

Пораките на амбасадорката Брнс, според аналитичарите, не случајно се испратени само неколку дена пред доаѓањето на в. д. помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија и добропознат дипломат на овие простори Филип Рикер. Тој пристигнува в петок во Македонија на средби со лидерите од македонската политика, а ден претходно во Скопје ќе допатува еврокомесарот за проширување во заминување Јоханес Хан.

Посетите коинцидираат со новонастаната ситуација поврзана со СЈО и влегувањето во Собранието на новиот предлог-закон за јавното обвинителство, така што не е исклучено да се примени и дипломатски притисок.

(Н.К.)