Ќе ја изградиме Универзална на легален начин, повтори Љутков
Според министерот, во изминатите 100 дена посветено се работело и на почнување или продолжување на стопираните или заглавени проекти, како и на заштита и рехабилитација на културно наследство
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на денешната прес- конференција, на која информираше за резултатите во областа на културата и туризмот во првите 100 дена од мандатот на новата Влада, рече дека е задоволен од сработеното и дека изминатиот период бил полн со предизвици, но и со значајни успеси.
„Искрено, задоволен сум од сработеното досега и што и покрај сè, нашата визија останува јасна. Пред нас имаме јасна цел: да ги поврземе и да ги унапредиме овие два сектори, не само како важни носители на економскиот развој туку и како клучни фактори во зачувувањето на нашиот идентитет, традиција и уникатност“, рече Љутков на денешната прес-конференција.
Отчетот за сработеното во изминатите 100 дена, министерот Љутков го започна со кусо резиме на затекната состојба, и рече: „Како последица на неефикасното и недомаќинско работење на претходната власт во текот на 7-те години управување со секторот Култура, наследивме долгови за неисплатени плати, девастирани и неосигурани институции, со раководства без стратегија, без утврдени приоритети и динамика на реализација на проектите. Се соочивме и со скратени средства за програмски активности, стопирани или заглавени проекти, како и инвестиции сведени на минимум, а поради ненавремено објавување на Јавната набавка за електрична енергија, Министерството за култура и туризам оваа година ќе плаќа поскапа струја“.
Затоа, со ребалансот на буџетот се обезбедени дополнителни средства во износ од 414.781.000,00 денари, од кои: со 273 милиони денари е регулиран долгот по основа на неисплатени плати во согласност со колективните договори на вработените во националните и во локалните установи и обезбедени се средства за регрес за локалните установи; 6 милиони денари за осигурување на институциите; дополнителни 71 милион денари за програмски активности; 5,5 милиони денари за намирување на долгот за континуирано функционирање на библиотечно-информацискиот систем COBISS.MK; 78,5 милиони денари за инфраструктурни проекти за локалните самоуправи.
Според министерот, во изминатите 100 дена посветено се работело и на почнување или продолжување на стопираните или заглавени проекти, како и на заштита и рехабилитација на културно наследство. Во тој контекст, тој посочи дека е во тек постапката за добивање одобрение за градба, за реконструкција на покривот на Музејот на РС Македонија, за објектот на поранешното кино „Партизан“ во Битола, обезбедена е проектна документација за реконструкција на ЦК во Прилеп, продолжува реконструкцијата на театарот во Куманово, а деблокиран е и процесот за изградба на театарот во Струмица. Во делот на заштитата, министерот ги истакна активностите на музејскиот комплекс „Музеј на вода“, на Плаошник за довршување на изградбата на Светиклиментовиот универзитет, а подвлече дека се работи и на отворање на Скопското кале кое со години е затворено за јавноста.
Интензивно се работи и во делот на законската регулатива. Притоа, во владина постапка е и измената за трансформација на работниот однос од определено во неопределено време на 160 вработени уметници и културни работници, а обезбедени се согласности за 38 вработувања во Албанскиот ансамбл за народни игри и песни.
Министерот додаде дека спојувањето на Министерството за култура и туризам носи нови предизвици, но и нови можности. Во тој контекст беше истакната и соработка со германскиот туроператор, компанијата „РСД“, партнерство кое ќе донесе 35 илјади туристи од Европа годишно, почнувајќи од февруари идната година.
Министерот Љутков информираше и за дел од наодите констатирани во извештајот на Работната група за вршење увид во документацијата од постапката за преземање на документацијата од Град Скопје за објектот Универзална сала во Министерството за култура и туризам, при што рече дека се констатирани многубројни прекршувања на позитивните законски прописи како во постапката на преземање, така и во постапките за спроведување на јавните набавки.
Тој додаде дека стручен правен тим два месеца работеше на документацијата за Универзална сала, и дека е негова должност како министер да обезбеди услови Министерството да ги исправи неправилностите за да може да продолжи реконструкцијата на овој значаен објект во интерес на граѓаните на нашата држава.
Министерот Љутков ги наведе наодите на Работната група, при што е споменато дека склучениот договор од страна на Министерството за култура и Град Скопје содржи контрадикторни одредби, не е заверен на нотар и дека Решението за реконструкција од 22.03.2024 година издадено од Општина Центар не е запишано во Катастарот на недвижности. Понатаму, постапката продолжува со недоследности кои не се во согласност со закон и наместо постапка за промена на инвеститор, се продолжило со барање и добивање Решение за реконструкција, со соинвеститорите: Министерството за култура и Град Скопје. Министерот објасни одредени постапки на прекршување на Законот за градење што довело Министерството за култура и туризам да ги преземе правата и обврските кои претходниот инвеститор ги имал со учесниците во градењето, додека не го остварил условот да биде носител на правото на градење. Оттаму, поништени се и постапките за јавни набавки кои се распишани и спроведени во меѓувреме, рече министерот Љутков.
Министерот за култура и туризам, Љутков, ги издвои чекорите што ги презема во насока на продолжување на реконструкцијата, наведувајќи дека во меѓувреме се поднесени барања до Државниот завод за ревизија и до Министерството за транспорт и врски да извршат надзор во своите надлежности. Со оглед на тоа што документацијата е во Јавното обвинителство, тој наведе дека со досегашните учесници во градбата се подготвува стручен извештај, пресек на извршени и незавршени градежни работи на објектот, исплатени и неисплатени, како и пресек на евентуална потреба од изведување дополнителни и непредвидени градежни работи што се предизвикани од пожарот на објектот.
„Министерството за култура и туризам во меѓувреме достави до Владата на РСМ измени и дополнувања на постојниот Закон за културата со кои ќе се нормира надлежноста на Министерството да го врши правото на реконструкција и над објекти кои се во општинска сопственост“, рече Љутков, додавајќи: „Министерството за култура и туризам не е тука да руши или да ја одолжува изградбата на Универзална сала, или на кој било друг објект. Наша цел е да биде изградена Универзалната сала, објект кој е во нашата меморија како граѓани, сцена каде што сме виделе или сме доживеале прекрасни културни настани.
Универзална сала ќе биде изградена, но исклучиво во постапка која е легална и која ги почитува сите законски норми, во интерес на македонските граѓани“, заврши министерот Љутков.