Ќе има ли или не стечајна постапка за ЗК „Пелагонија“ од Битола?

Фирмата „Агроефодија“ од Василево побара наплата на долгот од 48 милиони денари. Берзата го стави ЗК „Пелагонија“ на „Листата за набљудување“


Дел од механизацијата на ЗК „Пелагонија“ (Фото: Фејсбук на компанијата)

 

БИТОЛА – Основниот суд Битола ги утврдува причините за отворање на стечајна постапка во Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ – Битола. Оваа ситуација се наметнала откако фирмата „Агроефодија“ од Василево побарала да си го наплати основниот долг од над 48 милиони денари, како и каматите и трошоците.

Основниот суд Битола за „Независен“ потврди дека веќе се води постапка пред судот за причините за отворање стечај.

„Основен суд Битола донесе решение СТ-139/26 од 5.10.2026 година, со кое се поведува претходна постапка за утврдување на причините за отварање на стечајната постапка над должникот Земјоделски комбинат ‘Пелагонија’ – АД Битола, по предлог на доверителот ‘Агроефодија’ – ДООЕЛ Василево, кој има побарување во износ од 48.057.353 денари плус камата и трошоци“, изјавија од Основен суд Битола за „Независен“.

Од судот во Битола велат дека е „закажано рочиште поради изјаснување по предлогот за отворање за стечајна постапка на  5 ноември 2026 година во Основен суд Битола“.

Предметот го води стечајниот судија Иван Колевски.

Македонска берза вчера извести дека е донесен заклучок за внесување на ЗК „Пелагонија“ – АД Битола на „Листата за набљудување“ како предупредување за инвеститорите.

„Донесен е заклучок за внесување на издавачот ЗК ‘Пелагонија’ АД Битола на ‘Листата за набљудување’ што се објавува на веб страница на Берзата, согласно член 61-а од Правилата за котација.

Внесување на друштвото ЗК ‘Пелагонија’ – АД Битола на ‘Листата за набљудување’ е со цел за обрнување на внимание на инвеститорската јавност поради поведена претходна постапка заради утврдување на постоење услови за отворање на стечајна постапка на  издавачот ЗК ‘Пелагонија’ АД Битола“, стои во соопштението на Македонска берза.

ЗК „Пелагонија“ – АД Битола е акционерско друштво со мешовита сопственичка структура, каде што акциите се поделени меѓу неколку правни лица (компании) и физички лица. Доминира фирмата „Орка Холдинг“ поврзана со бизнисменот Орце Камчев.

ЗК „Пелагонија“ е еден од најголемите земјоделски комбинати во државата, со обработка на големи површини под пченица, јачмен, сончоглед, пченка за силажа. Има фарми со крави и овци во селата Логоварди и Кременица.