Ќе има ли и нова трампа на ресори во Владата?


Рената Тренеска-Дескоска или ќе остане министерка за правда или ќе се врати како професорка на Првниот факултет. Таа вчера отсечно отфрли можност за нејзина повторна ротација во  рамки на Владата, односно враќање на чело на Министерството за образование, откако премиерот Зоран Заев најави потемелни кадровски промени по завршувањето на претседателските избори.

– Нема да се враќам во Министерството за образование. Не сум јас Никола Тодоров за да ги шетам сите ресори – изјави Дескоска.

Министерката рече дека не знае дали ќе го напушти Министерството за правда.

– Мојот пат е одење напред, а не враќање назад. Единствено место каде што можам да се вратам по политиката е Правниот факултет, а не МОН – рече Дескоска.

Името на Дескоска преку ноќ се најде во барабанот за можна реконструкција, откако медиумите почнаа да шпекулираат со можноста за нејзин трансфер во МОН, од каде што, всушност, и дојде на чело на ресорот правда. Со оглед на тоа што важеше за еден од најангажираните министри во изминатиот период, покрај министрите за евроинтеграции, за одбрана и за надворешни работи, ако се имаат предвид обврските во сите овие ресори во делот на имплементацијата на Преспанскиот договор и интеграциските процеси, спомнувањето на Дескоска во контекст на најавената реконструкција е своевидно изненадување.

Како што објавивме, во кругови на СДСМ на Дескоска ѝ се забележува дека не се ангажирала доволно за време на претседателските избори, особено ако се има предвид дека во фокусот на кампањата беа евроатлантските перспективи на државата, а со тоа и реформските процеси, чија клучна алка се реформите во правосудството. Неофицијално, се посочува дека како универзитетски професор на Правниот факултет во Скопје можела да придонесе повеќе во кампањата ако се има предвид дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова не само што е од истиот факултет туку и предава исти предмети. Извори од партијата велат дека ангажманот на одредени функционери во кампањата не би требало да биде пресуден при носењето на одлуките за нивно евентуално разрешување или ротирање на друга позиција, туку дека во преден план треба да биде учинокот во ресорот што го предводат. Од друга страна, пак, се посочува дека голем дел од владините функционери имаат и партиски функции (Дескоска е член на извршниот одбор), а со тоа и обврска да се ангажираат на терен за промоција на политиките на партијата. Во тој контекст се и најавите на Заев дека ќе има проветрување и на „Бихаќска“, а не само на „Илинденска“.

Дескоска замина од МОН и беше избрана за министерка за правда пред нецела година, кога Заев ја направи првата реконструкција на Владата. Министер за образование, пак, стана нејзиниот дотогашен заменик Арбер Адеми. Тогаш единствен реконструиран министер беше Роберт Алаѓозовски во култура – ресор што  го доби новиот коалициски партнер на СДСМ – т.н. скопско крило на Беса, кое сега е преименувано во партија Алтернатива. Со оглед на тоа што новиот министер за култура Асаф Адеми поднесе оставка веднаш по претседателските избори, сега се шпекулира со можноста за враќање на Алаѓозовски на чело на овој ресор. Се спомнува и Златко Теодосиевски, кој беше посебен советник на министерот за култура. Во случај овој ресор да се врати кај СДСМ тоа би значело нова трампа меѓу коалициските партнери, со оглед на тоа што Алтернатива ќе треба да добие некое друго министерство. Во тој контекст се и шпекулациите за можен трансфер на Дескоска во МОН, што, од друга страна, би значело враќање на правда кај ДУИ. Прв министер за правда во кабинетот на Заев беше Билен Саљији. По низа критики за слабо темпо на реформите во правосудството во тоа време, тој поднесе оставка на функцијата, за што како мотив ја наведе одлуката на јавното обвинителство за преквалификација на делото на обвинетиот за прегазувањето на малиот Алмир во Куманово. Потоа, министерското место во правда – еден од клучните ресори – неколку месеци остана празно.

 

Во политички кругови се појавија шпекулации и за смена на министерот за здравство Венко Филипче, кој дојде исто така подоцна на функцијата, неколку месеци по локалните избори во 2017 година. Односно, по кандидирањето на Арбен Таравари за градоначалник на Гостивар, а потоа и излегувањето на Алијансата за Албанците од владејачката коалиција. Филипче изјави вчера дека право на премиерот е да оцени и одлучи кои функционери треба да заминат од позициите.

– Тој најдобро знае кој во неговиот тим најдобро работи, ги извршува обврските и дали бил или не бил отворен за комуникација – изјави Филипче. Според него, во изминатиот период биле спроведени многу значајни проекти во надлежност на неговиот ресор и следуваат уште поголеми новини.

– Се очекуваат промени на функционери на различно ниво, не само во централната власт. Ќе почекаме премиерот да ја утврди динамиката и начинот на кој ќе се спроведат промените – изјави Филипче.

 

Дијалогот Ахмети – Заев за кадровските промени, а не за „метлата“

Премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ќе почнат во наредните денови разговори за кадровските промени во извршната власт. За разрешувањата и именувањата на нови министри се очекува Собранието да расправа во почетокот на јуни. Тогаш треба да биде констатирано и разрешувањето на Хазби Лика од вицепремиер за Рамковен договор и да биде избран прв човек на новото Министерство за политички систем – најверојатно од редовите на ДУИ.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи потврди дека е планирана средба Заев – Ахмети. Тој исто така го „искара“ премиерот што го користи зборот „метла“, затоа што, како што рече, звучи компромитирачки.

– Тоа претставува понижување и навреда не само за претставниците на ДУИ, туку и за другите партнери на коалициската влада. Неприфатливо е да се користи таков термин, дури и кога станува збор за промени во државните функции – рече Османи. (А.М.М.)