Ќе има ли „анкетна“ за СЈО? Опозицијата во расчекор со Туск


Додека претседателот на Европскиот совет Доналд Туск вчера во зградата на владата во Скопје ги поздравуваше досегашните постигнувања на земјава во делот на владеењето на правото, во опозициските кабинети во парламентот се пишуваше иницијатива за формирање анкетна комисија која би го истражувала работењето на СЈО.

Наспроти оценката на Туск дека во Брисел не постои сомнеж околу владеењето на правото и борбата против корупцијата во нашата земја, ВМРО-ДПМНЕ предлага во новата анкетна комисија за СЈО, како придружни членови – набљудувачи да бидат поканети и претставници на шведската, американската и холандската амбасада. Пратеникот Антонио Милошоски, претставувајќи ја иницијативата, посочи дека овие три држави имаа значителен финансиски придонес и влог во буџетот на СЈО од даночните обврзници на нивните земји.

– Вашата земја, во последните две години, направи сè што се очекуваше од вас за да може да почнат преговорите за пристап во ЕУ и согласно со препораките на ЕК. Сакам да биде кристално јасно дека не постои сомнеж во Брисел во однос на вашата политичка обврска кон владеење на правото и борбата против корупцијата – истакна Туск на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Милошоски, пак, на прес-конференцијата во парламентот, посочи дека треба да се утврди евентуално нестручно, несовесно и незаконито работење на СЈО, по разрешувањето на Катица Јанева за нестручно, несовесно и незаконско работење. Во предлогот што го достави до спикерот Талат Џафери, ВМРО-ДПМНЕ бара нејзин пратеник да биде на чело на анкетната комисија која, пак, би броела уште десет члена.

Анкетната комисија, според предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, треба да утврди како се потрошиле 15 милиони евра на граѓаните во СЈО, кои се резултатите од нивното работење и како се ангажирани вработените во ова обвинителство. -Оваа комисија не би се занимавала со какви било обвинителски или судски предмети, бидејќи не сака ниту може да биде обвинител ниту судија. Но би го утврдувала начинот на материјално и финансиско работење на обвинителството, почитување на постоечките законски процедури и деловодници. Законитост на постапките при вработување во самото обвинителство, утврдување на можни конфликтни интереси или непотизам, како и трошењето на средствата по однос на сомнителни хонорари за она што го имаме како дојава за потпишување на договори за чување деловна тајна – изјави Милошоски.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека имало голем дел на договори и исплатени хонорари што немаат законска основа.

Набрзо откако го добил предлогот за формирање анкетна комисија, спикерот Џафери го доставил до сите пратеници. Од неговиот кабинет велат дека дополнително ќе одлучи кога ќе се најде на седница.

Пратеници од мнозинството ја оценија иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ како нов обид за, како што велат, амнестија на криминалот на поранешната владејачка номенклатура. Велат дека барањето е неприфатливо, затоа што негова цел е да се компромитираат предметите на СЈО.

Во речиси тридеценискиот историјат на парламентот, по независноста, формирани се барем десетина анкетни комисии за разни финансиски и политички скандали. Но досега речиси ниту една од тие комиси не ја истера до крај мисијата. Неславно заврши и Анкетната комисија, на чие чело беше Петре Шилегов, за аферата со прислушувањето, која ја предизвика политичката криза во земјава. Иако формирањето на оваа Анкетна комисија беше предвидено и со договорот од Пржино, тогашната опозиција не успеа да го истера на чистина скандалот со „бомбите“ и да утврди политичка одговорност во парламентот, каде што ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија имаше голема превласт. Сега, ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција, бара формирање анкетна комисија за СЈО – институцијата која беше формирана да обезбеди правна разврска за масовното нелегално прислушување и за сите криминални и корупциски случаи што произлегоа од снимките од прислушуваните разговори. (А.М.М.)