Ќе го осрамотиме ли и овој Илинден?


Една недела пред Илинден, зовриената политичка атмосфера дополнително се вжештува пред традиционалниот собир на Мечкин Камен во Крушево, каде што годинава првпат во својство на премиер ќе се обрати Зоран Заев. На социјалните мрежи веќе се споделува повик да им се покаже средниот прст на „северџаните“, што е погрдниот назив за Владата и за сите поддржувачи на Преспанскиот договор. Имајќи предвид дека претходните два собира на Мечкин Камен, одржани по смената на претходната власт, поминаа со инциденти, се стравува дека и следниот петок ќе бидеме сведоци на сквернавење на најсветлиот празник на македонската историја, кој никако да се прослави достоинствено како што заслужува.

Браќа и сестри Македонци и Македонки, на 2 август на Мечкин Камен, помногубројни од лани, да ѝ покажеме среден прст на стоката северџанска со јасна порака дека на комунистичките изроди не им е таму местото. Македонија на Македонците, никогаш Северна, само Македонија“, стои во повикот на „Фејсбук“. Како организатор на настанот не се јавува никој, поради што барем засега не може да се впери прстот кон ниту една организација, партија или индивидуа. На постот се „залепи“ новинарката на МРТ, Марија Котовска, што наиде на остри реакции меѓу новинарската заедница, како и од невладините заедници.

Иако не беше присутен, премиерот Заев беше навредуван за време на прославата во Скопје за новата европска титула на ракометарите на Вардар. Навивачите извикуваа слоган со пцости кон премиерот. Од ВМРО-ДПМНЕ велат слободно право на секој граѓанин е да оди или да не оди на прославата на Илинден во Крушево или на кое било друго место. Сепак, нивните претставници се најгласни во пресрет на настанот.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски, смета дека голем бил стравот кај организаторот на прославата, попрецизно Владата да се соочи со гневот на граѓаните.

Нема друг изговор за тоа да се бараат копии од лични карти и список од сите учесници. Ќе се враќа народ од Мечкин Камен. Ова ни Тито ни Колишевски не го правеа. Џабе ви е сè“, вели Тарчуловски без да прецизира за какви списоци станува збор имајќи предвид дека „влезот“ за собирот е слободен.

Поранешната министерка за култура Ганка Цветанова прашува со кое право и образ првиот човек на Владата ќе се појави во Крушево.

По изјавата дека Македонија крадела туѓа историја, го прашувам Зоран Заев со кој образ ќе се појави на Мечкин Камен на 2 Август, на најголемиот македонски празник Илинден, што ќе му порача на македонскиот народ и за која историја ќе говори? За таа што ја продадоа?“, прашува Цветанова.

Претседателот на државата, собранискиот спикер и премиерот ротираат секоја година на местата каде што организирано се прославува Илинден. Веднаш по соборувањето на владата на Никола Груевски, Талат Џафери ја имаше честа прв да се обрати на Мечкин Камен. Тој настан се памети по исклучително малиот број присутни граѓани. Подоцна, во дел од медиумите блиски до опозицијата, му се наоѓаа маани на Џафери што не ја пеел химната. Во својот говор тој цитираше делови од Крушевскиот манифест кој бил ширен до населението да се приклучи на борбата за слобода.

Лани, пак, во Крушево зборуваше претседателот Ѓорѓе Иванов и тоа, всушност, беше неговиот последен говор на Мечкин Камен. Тој фрлаше дрва и камења по Владата, со акцент на договорот за името што беше потпишан во Мала Преспа само четириесетина дена претходно. За тоа време, присутните скандираа „Иванов, Иванов“. Но ланскиот Илинден ќе се памети по вербалниот, па и физичкиот напад врз претставниците на владата на СДСМ, како и на дипломатскиот кор што дојдоа да положат цвеќе на споменикот на Мечкин Камен. Кон нив беше фрлано со јајца и шишиња и за малку беше избегнат поголем инцидент.

Надлежните најавуваат силни безбедносни мерки за да се спречи слично сценарио и годинава. Активистот Џабир Дерала порачува дека повикот на социјалните мрежи не е единствен повик на насилство врз институциите и врз националните симболи, од структури што ги има и во македонската и во албанската етничка заедница.

За среќа, тие се малобројни, но нивната деструкција има несогледливи размери. Институциите секогаш мора да реагираат навремено и решително. Јасно е дека зад ‘храбрите’ поединци се кријат поголеми и посериозни политички и финансиски спонзори. Тие мора да се соочат со полната сила на законот. На тие што организираат вакви наци-настани, им порачувам: Илинденското востание им припаѓа на сите граѓанки и граѓани на Северна Македонија. Нека го прочитаат Крушевскиот манифест за почеток“, нагласува претседателот на невладината „Цивил“.

Горан Адамовски