„Ќе го нервираме Макрон“ – антиваксерите во Франција повторно на протести


Во Франција денеска се одржаа протести против задолжителната имунизација и владините мерки, критикувајќи ја намерата на претседателот Емануел Макрон да ги заостри ограничувањата за оние кои одбиваат вакцини против Ковид.

Макрон оваа недела рече дека сака да ги „изнервира невакцинираните“ така што ќе им го комплицира животот толку многу што на крајот ќе бидат принудени да ја примат вакцината.

„Невакцинираните луѓе се неодговорни и недостојни да се сметаат за граѓани“, додаде францускиот претседател, пренесува Ројтерс.

Во Париз денеска демонстрантите возвратија со усвојување на неговиот сленг израз и рекоа дека ќе го „изнервираат“ претседателот.

Други носеа транспаренти на кои пишуваше „Не на пропусницата за вакцина“, што се однесува на притисокот на Макрон законски да бара доказ за вакцинација за влез во затворени простори како што се кафулиња, барови и музеи.

Телевизиските снимки покажуваат судир меѓу демонстрантите и полицијата на митинг во Париз, а демонстрантите се собраа и на улиците на другите француски градови, вклучувајќи ги Марсеј, Нант и Ле Ман, јавува Ројтерс.

Демонстрантите го обвинуваат Макрон дека ги гази нивните слободи и нерамноправно постапува со граѓаните, а францускиот претседател рече дека слободите носат одговорности кои вклучуваат заштита на здравјето на другите.
Франција во петокот, по втор пат во една недела, забележа повеќе од 300.000 нови случаи на инфекција со коронавирус, додека хоспитализирањата, како и бројот на пациенти со Ковид 19 на интензивна нега, постојано растат, што го става здравствениот систем во голема притисок.