Ќе бидеме крајно транспарентни: Министерството за енергетика реагира на анализата на „Социетас цивилис“


Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска преку соопштение порача дека ќе биде крајно транспарентно и дека формирањето на ова министерство е токму да се намали корупцијата во оваа област. 

Соопштението е ракција на анализата на Институтот за демократија „Социетас цивилис – Скопје“ кој објави краток документ за јавни политики посветен на ризиците од корупција во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во кој посочува дека зголеменото странско и домашно лобирање, конфликт на интереси и слабите човечки и материјални ресурси во новото Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се дел од ризиците од корупција на кои новиот парламентарен состав би требало да посвети особено внимание.

„Ги поздравуваме сите иницијативи кои носат поголема одговорност и транспарентност во делот на енергетиката. Соопштението на Институтот за демократија во однос на тоа дека треба да бидеме крајно внимателни во делот на енергетиката е факт што бил запоставуван со години. Токму енергетиката е делот каде се направени најголемите криминали за што досега неколкупати алармирале и од Државниот завод за ревизија но без никаков успех“, се вели во реакцијата на Министерствот за енергетика.

Од таму посочуваат дека Министерството е формирано за да се намали корупцијата, која порано токму поради непостоење на ваков тип на институција се носеле одлуки, постапки без закони туку со правилници и одлуки на владини седници за кои јавноста и многу малку знаела.

„Оваа пракса мора да заврши“, се вели во ракцијата.

Од Министерството нагласуваат дека ќе бидат крајно транспарентни во секоја постапка и дека само со транспарентен однос, со јавна дебата за секое прашање и со постојано информирање на сите чинители во енергетиката може да се врати довербата во институциите.

„Како Министерство, иако ноформирано, покренавме постапка за итна ревизија на сите институции што се под наша надлежност и по спроведената постапка ќе побараме реакција од обвинителството. Во моментов во фаза на ревидирање се постапките за јавни набавки во сите институции кои се спроведувале во време на техничката Влада. Поништен е тендер во МЕПСО од 900.000 евра каде компанијата што се пријавила и го добила нема капацитет ниту ресурси за спроведување на истиот“, се вели во реакцијата.

Во меѓувреме, како што додаваат од Министерството, усогласена е Уредбата за гаранции на потекло со Енергетската заедница и истата е поставена на ЕНЕР каде е јавна и може да се коментира.

„Како држава сме на јавна критика од Енергетската заедница поради неносење на измените на Законите за енергетика и за обновливи извори на енергија. Формирана е работна група во рамките на Министерството каде учествуваат претставници на МЕПСО, ЕСМ, ЕВН, ЕБРД и Енергетската заедница и се работи на законските измени кои потоа ќе бидат преставени на јавноста и ставени на јавна дискусија“, се вели во реакцијата.

Од Министерството ја повикуваат јавноста да ја следи нивната работа и на невладиниот сектор вратите на Министерството се отворени во секој момент.

„Очекуваме поддршка за нашата работа бидејќи во интерес на јавноста, во интерес на државата е драстично намалување на корупцијата во делот на енергетиката поради што е формирано ваков тип на Министерство“, се вели во ракцијата која е пратена во име на министерката Сања Божиновска.

 

На истата тема:

Лобирање, конфликт на интереси, слаби ресурси… Кои се ризиците на кои треба да внимава новото Министерство за енергетика