Ќе биде награден возачот на ЈСП што го однесе запалениот автобус на безбедно
Награден ќе биде возачот на автобусот број „25“ на ЈСП, што се запали вчера на Водно, соопшти денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Имено, автбоусот со број „25“ што сообраќа до Средно Водно, вчера се запали и згоре, а во него немаше патници. Но, возачот го испразнил една постојка претходно и го однел на широк паркинг, со што спречи да има повредени патници, но и да се прошири пожарот во парк-шумата Водно.
Ѓорѓиевски не прецизира како и со што ќе биде награден присебниот возач.
Автобуси што горат и превоз што не функционира – констатира Штерјова
Девет месеци откако ја презеде функцијата, градоначалникот на Скопје, Орце Георгиевски, сè уште не обезбедил редовен и функционален јавен превоз за скопјани, обвини советничката на СДСМ во Советот на Град Скопје, Кети Штерјова.
Таа посочи дека состојбата во ЈСП и натаму е лоша, со недостиг на исправни автобуси, нередовен превоз и незадоволни патници.
„И по девет месеци сликата со јавниот превоз е речиси иста како претходно. Бројот на автобуси е далеку од потребниот, а ЈСП е сè уште задолжено. Расипани автобуси, нередовен превоз, незадоволни патници кои се возат без клима на плус 40 степени“, рече Штерјова.
Според неа, Георгиевски во предизборната кампања ветувал квалитетен и целосно функционален јавен превоз, како и темелна ревизија на работењето на ЈСП, но досега не биле презентирани резултати од таквата ревизија.
Штерјова се осврна и на најавениот тендер за набавка на нови автобуси, посочувајќи дека сè уште нема сигурност дали постапката ќе биде успешно реализирана.
Таа го критикуваше и фалењето со заштедите на гориво, оценувајќи дека на граѓаните им се потребни повеќе автобуси и редовен превоз, а не само намалување на трошоците.
Советничката од СДСМ го посочи и вчерашниот пожар во двокатен автобус на Водно, оценувајќи дека инцидентот ја отвора и темата за безбедноста на патниците.
„Среќа беше вчера што возачот реагираше навреме и спречи катастрофа“, порача Штерјова, барајќи да се утврди одговорност за инцидентот.