Ќе биде ли навистина независен новиот јавен обвинител Савески?

Во јавноста владее воздржаност од предлогот на Владата за нов јавен обвинител. Таа ќе ги чека резултатите од неговата работа


 

Додека се чека гласањето во Собранието околу новиот предлог за државен јавен обвинител, во политичките и во правосудните кулоари Ненад Савески не е дочекан „на нож“. Напротив, владее голема воздржаност околу неговиот избор.

Имајќи ги предвид досегашните именувања од владата, главната опозициска партија СДСМ порача дека нема веднаш да излегува со оценка, туку ќе остави најпрво да се видат резултатите од неговата работа, нешто што според нив не го прави власта. Савески во моментов ја извршува функцијата судија во Основниот кривичен суд Скопје, каде работи во Одделот за организиран криминал и корупција.

Со порака дека кој се изгорел на млеко, дува и на јогурт, СДСМ порача дека клучно за нив ќе биде дали Савески, ако биде избран, ќе постапува независно, професионално и непристрасно – или по диктат на власта. Во нивната реакција нема најава дали ќе го поддржат неговиот избор или не, иако тој не зависи од нивните гласови.  

„СДСМ нема да биде како ВМРО и предвреме да осудува. Досега сите нивни одлуки се покажаа како одлуки за поставување луѓе кои ги контролира Мицкоски како што беше примерот со неговиот советник кој го избраа за уставен судија, или сопругата на градоначалникот на ВМРО. Народот вели, кој се изгорел на млеко, дува и на јогурт.

Професионалниот профил на предложениот кандидат за нов државен јавен обвинител, Ненад Савески говори дека станува збор за човек со долгогодишно искуство. Но, клучното прашање е дали новиот јавен обвинител ќе постапува независно, професионално, и непристрасно или под диктат на владата. СДСМ  внимателно и будно ќе ја следи неговата работа токму по тоа – дали ќе има храброст да се спротивстави на притисоците и да постапува професионално, дури и кога станува збор за случаи кои водат до власта“, порачаа од СДСМ, потсетувајќи на сите тендери изминатите месеци доделени на избрани фирми. 

„Владата на Мицкоски е потресена од низа сериозни афери и криминални скандали со тендери – од 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга, 74 милиони евра за трета фирма, 9 милиони евра тендери за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. Очекуваме пред сè независност, стручност и непристрасност. Да постапува по закон, да гони криминал без разлика кој стои зад него и да покаже дека обвинителството не е инструмент на власта. Начинот на кој течеше разрешувањето на поранешниот обвинител, политичките притисоци и елиминацијата на обвинител јавно на телевизија од страна на Мицкоски, оставаат сериозен сомнеж во намерата на власта. Оттука, новиот јавен обвинител го чека многу работа, особено во случаите со криминал и корупција на власта. Предметите се тука. Нека ја врши својата работа. Законот мора да биде еднаков за сите. Правдата мора да биде достижна“, стои во реакцијата на СДСМ.

По објавувањето на предлогот, на социјалните мрежи реагираше адвокатот Јанаки Митровски, кој позитивно се изјасни за кандидатурата на Савески. Според него, станува збор за кандидат на кој не можат да му се припишат партиски влијанија и кој има долгогодишно искуство и како обвинител и како судија.

„Владата денес направи редок и можеби единствен досега исправен потег во 18 месеци власт. Предложи одличен кандидат за јавен обвинител, судија кому не може да му се закачат партиски опашки, не може да се каже дека е близок до оваа или онаа политичка гарнитура, кривичар со екстензивно искуство и како обвинител, и како судија. И она што е за мене најважно, единствен судија кој имал храброст да крене глас на политиката, да се залага за независно судство, и имаше храброст да оспори одлука за избор директор на Академија, нешто што е бауч за 99% судии“, оцени адвокатот Митровски.

Една од реакциите за изборот на Савески за кандидат за јавен обвинител беше дека покрај три жени противкандидатки, Владата реши да избере машки обвинител. Она што е интересно дека ако биде избран, Савески ќе биде втор гостиварчанец што ќе застане на втората највисока обвинителска функција во државата, покрај Ислам Абази во Обвинителството за организиран криминал и корупција. И претходниот државен јавен обвинител, Љупчо Коцевски, е од Гостивар.

Савески е преставник на младата генерација обвинители, со искуство и во судството и со меѓународни институции. Веќе е објавено дека зборува англиски, германски, албански и шпански и дека е еден од ретките што се спротивставил на изборот на директор на Академијата за судии и јавни обвинители.  Минатата година медиумите пренесоа порака што ја упати до членка на Судскиот совет во која жестоко реагира на нејзината поддршка за вршител на должност претседател на Основниот кривичен суд Скопје, наместо најдобро оценетиот судија, да биде назначен единаесетторангираниот, во случајов судијката Даниела Димовска.

„Срам сте за судиите кои гласале за вас! Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на чл. 89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите! Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа! Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија! Одете си од таму веднаш и престанете да им штетите на судиите! Брука си! Брука за судиите и за вашето семејство во кое сите се правници“, вели Савески во пораката. 

Тој не само што е гласен, судејќи по интервјуата што ги давал, е и прилично транспарентен и околу работата и околу приватноста. Коментирајќи го впечатокот за молчаливоста на судиите, Савески вели дека во современите општества не е вообичаено судската фела често да е присутна во јавноста. Во едно од интервјуата порача дека еден од начините да се зголеми довербата на правосудството и да се поправи имиџот е поголема присутност во јавноста и транспарентно однесување во постапувањето и одлучувањето. 

Савевски е еден од ретките правници што го поминал етапно речиси целиот правосуден пат. По дипломирањето, магистрирал, волонтирал во гостиварскиот суд, завршил на Академијата за судии и јавни обвинители, заедно со неколкумина што беа дел од тимот на Специјалното јавно обвинителство. Кариерата ја почна како скопски обвинител во 2009, а во 2016 година е избран за судија. Канцеларијата, како и на останатите колеги од овој оддел, му е на третиот кат во Кривичниот суд во Скопје.

Во истото интервју за „Призма“ тој ја проблематизира и незавосноста на судството како трета власт, бидејќи е зависно од одлуките на извршната власт околу финансиите. 

„Судството ужива нормативна независност. Но, тоа не е доволно. За судството, во вистинската смисла, да ужива независност, како една од трите власти, треба да ужива финансиска независност. Ние, таа независност ја немаме. Имаме квазифинансиска независност преку Судскиот буџет, но тоа зависи од волјата на извршната власт, што упатува на тоа дека државата што има обврска да ја гарантира независноста на судството, не создала услови за тоа“, изјави Савевски во интервјуто, но потоа тврдејќи дека лично сепак се чувствува независен во работата.

„За себе можам да кажам дека сум независен. Никој досега не ми ја загрозил сигурноста, а генералното чувство е дека не сме целосно независни. Тоа не е проблем што се создава само од надвор. Проблемот е и кај нас“, оцени тој.

 За назначувањето на Савески за нов државен јавен обвинител ќе биде потребна поддршка од најмалку 61 пратеник во парламентот. Роден е во 1976 година, а освен што потекнува од Гостивар, таму и живее со семејството. Оженет е и е татко на три деца.

По образование е магистер по правни науки од областа на казненото право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде претходно дипломирал. Правосудниот испит го положил во 2003 година, а средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.

Покрај работата во судството и обвинителството, Савевски бил вклучен и во повеќе експертски и меѓународни проекти. Учествувал како експерт во активности на ОБСЕ во Македонија, како и во рамките на Националната конвенција за Европската унија за Поглавје 23, кое се однесува на правосудството и фундаменталните права. Бил член и на работни групи за судски и законски реформи, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД, особено во области поврзани со посебните истражни мерки, притворот и кривичната постапка.

Савевски е и предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, како и национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа. Во рамките на овие активности учествува во обуки поврзани со човековите права и кривичното право.Тој е автор и коавтор на повеќе научни и стручни трудови и публикации, меѓу кои и за теми како посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот и право на приватност. (Н.В.)