Ќе биде ли црквата во Курбиново впишана на светската листа на УНЕСКО: Се комплетира номинационото досие


Црквата „Св.Ѓорѓи“ во Курбиново ќе чека најмалку една година до официјалната номинација за вклучување на листата на светското наследство на УНЕСКО. Црквата која се смета за своевидна македонска Сикстинска капела сега е на привремената (тентативна ) листа и следен чекор е подготовка на номинационото досие.

– За одредено културно или природно добро да биде впишано на Листата на светско наследство првично мора да биде додадено на Тентативната листа, најмалку една година пред доставувањето на официјалната номинација. Следен чекор е подготовка на номинационо досие.Номинационото досие го одобруваат советодавните тела на УНЕСКО, а потоа се усвојува и одобрува од страна на Комитетот за светско наследство. Со тоа постапката за впишување на доброто на листата на светско наследство на УНЕСКО е завршена, изјавија за „Независен“ од Секторот за заштита на културното наследство во Министерството за култура.

По седум години откако е инициран проектот за конзервација за црквата „Св.Ѓорги“ во Курбиново, конечно почна и реализацијата на конзерваторско-реставраторски работи на архитектурата на црквата. По оградувањето на градилиштето и другите подготвителни работи се започна со обивање на малтерните површини на ѕидовите, а се работи и на северниот ѕид по што ќе се пристапи кон нови фази за конзервација на архитектурата.

На реставрацијата работи стручен тим од битолски конзерватори а министерката за култура Стефоска најави дека германски експерти за заштита на културно наследство ќе се вклучат во реставрацијата на црквата.Во меѓувреме, Музејот во Битола прави елаборат и подготвува финансиска конструкција за црквата во Курбиново да се прогласи како културно добро во опасност. Тоа значи дека Музејот во Битола ќе добие стручна помош и финансиска поддршка за побрзо да тече реставрацијата.

Многу министри за култура досега ветиле конзервација и реставрација на црквата, ама за жал на терен немаше резултати. Сега реставрацијата на црквата е поддржана од Министерството за култура и е ставена како приоритет за оваа година. За 2021 обезбеден е буџет од околу 105 милиони денари само за заштитата на културното наследство. Како што појасни министерката Стефоска на прес-конференција, (која и лично ја посети црквата и ги следеше конзерваторските работи) споредено со лани буџетот бил 70 милиони. Во просек минатите десет години и повеќе просекот за заштита бил 40 до 60 милиони денари.

На само неколку километри од брегот на Преспанското Езеро, во пазувите на планината Баба, над селото Курбиново, е црквата „Свети Ѓорѓи“. Еднокорабна градба, со скромна архитектура, но со фасцинантен фрескоживопис. Таа претставува еден од најрепрезентативните споменици на културата во Македонија, надалеку познат по фреската на светецот Архангел Гаврил, наречена „Ангелот од Курбиново“. Изградена е во 1191 година, во 12 век, а за споменик на културата е прогласена во 1952 година. Своето место во ризницата на светски вредности го обезбедува токму со фрескоживописот, кој се смета за бисер на византиското сликарство. Овој драг камен на македонската култура сега е во очајна состојба.

Првите заштитни интервенции на црквата во Курбиново биле правени во 1958, потоа во 1984, а конзерваторски активности имало и во 1991 година. Но атмосферските влијанија и тектонските поместувања постојано ја влошувале состојбата на градбата како целина. Покривот прокиснувал, а влагата ги уништила фреските. Во 2013 година тим од Завод и музеј Битола ги започнала активностите за обнова на црквата, кои продолжуваат сега. (Л.С.)