Ќе барам правда за Фросина додека сум жив


Четири години родителите на Фросина Цековска од Крива Паланка ја бараат правдата низ судовите и на секое судење ја преживуваат болната судбина на ќерка си соочувајќи се со обвинетиот за сообраќајката во која на пешачки премин беше прегазена младата студентка. Веста дека Апелацискиот суд одлучил да му ја намали затворската казна на обвинетиот Љубиша Видојковиќ на три години ја разгневи цела јавност, но на семејството му ја запечати болната вистина дека засега нема правда за нивната ќерка. Таткото на Фросина, Љупчо Цековски, сепак не се откажува и вели дека ќе бара правда додека е жив.

„Јас ќе барам правда додека сум жив. Ова е див запад, не е правна држава“, вели таткото на студентката. Цековски уште се сомнева дека обвинетиот не е вистинскиот возач кој седел зад воланот на „хондата“. Во една изјава за медиумите, тој тврдеше дека вистинскиот сторител го штитат моќни луѓе во државава.

„Истрагата е насочена против лицето кое се пријавило, но има силни сомнежи. Недостигаат отпечатоци од прстите, бришен е воланот, има разни отпечатоци на седиштата. Не се совпаѓаат отпечатоците на воланот со отпечатоците на убиецот. Сто отсто е друг“, рече Цековски во изјава за медиумите во 2015 година.

Семејството на Фросина, веста за намалувањето на казната ја слушнало од медиумите и сè уште не ја добило пресудата. Апелацискиот суд сè уште јавно не ја објави пресудата и образложението зошто одлучиле казната да биде намалена. Од Апелацискиот суд велат дека пресудата е испратена во Кривичниот суд кој треба да ја испрати до странките.

Кривичниот суд првиот пат го осуди Видојковиќ на шест и пол години затвор, но Апелација го врати процесот назад и ја поништи пресудата. На второто судење, Видојковиќ беше осуден на четири години затвор, а Апелација, која жалбата ја разгледувала на јавен претрес, му ја намали затворската казна дополнително на три години. Иако претресот бил јавен, на него не присуствуваа медиумите ниту семејството на студентката.

Обвинетиот се товареше за две кривични дела тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и кривично дело неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода. Според сознанијата на семејството, на обвинетиот му било укинато кривичното дело за неукажување помош.

Од обвинителството велат дека кривичното дело за неукажување помош било исклучено откако за тоа дала насоки скопска Апелација првиот пат кога одлучувала за овој предмет и го вратила на повторно судење. Дали пресудата ќе стигне пред Врховниот суд, обвинителството ќе одлучува откако ќе го добие образложението.

Видојевиќ и сега, кога е правосилно осуден, е на слобода, а семејството по четири години ја чувствува истата болка за загубата како првиот ден. Според обвинението, тогаш дваесет и шестгодишниот Видојковиќ со „хонда“ ја прегазил дваесетгодишната студентка на пешачки премин на „Партизанска“ и избегал од местото на несреќата. По несреќата, сам се пријавил во полициската станица во Ѓорче Петров. Истрагата утврди дека возел пијан со голема, недозволена брзина. На првото судење Видојковиќ тврдеше дека поминал на зелено светло, а девојчето ја преминало улицата на црвено светло. Тој се извини што не застанал да му укаже помош на девојчето, но тврдеше дека тогаш бил во шок.

Брзината со која се вози по скопските улици и човечкиот фактор се најчестите причини за сообраќајните несреќи, конкретно во главниот град. Оние што ги изгубиле своите најмили по скопските патишта се влечат по судниците и ги слушаат ниските казни што ги добиваат обвинетите за сообраќајките. Овие судски процеси главно се влечат со години, а пресудите се носат кога јавноста ќе изгуби интерес и медиумите веќе не присуствуваат на рочиштата.

Ален Зекиров, поранешниот телохранител на ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, во 2009 година со мотор прегази пешак и го отфрли 22 метри од пешачкиот премин. Човекот, кој бил со велосипед, почина, а Зекиров по пет години судења одлежа само шест месеци затвор. За време на неколкуте рочишта, наодите на судскиот вештак покажале дека настраданиот пешачкиот премин го поминувал туркајќи го велосипедот. Вештакот утврдил дека Зекиров возел со брзина од 60 километри на час.

Човек прегази и Дејан Митровски-Урко, кој беше главно обезбедување на поранешниот премиер Никола Груевски. Пред три години Урко со својот автомобил „бе-ем-ве“ удри во дваесет и двегодишен мотоциклист кој почина по пет дена. Урко доби условна казна од две години затвор, која ќе се активира ако во следните пет години стори ново кривично дело. Семејството не побарало отштета, а Митровски ја признал вината на судењето. Судијката се повикала на вештачењето според кое мотоциклот со кој управувал Андонов се движел со брзина од 94,6 километри на час, а немал вградено предно светло.

Одговорност нема и за фолк-пејачката и водителка на кулинарска емисија Андријана Алачки, која со својот автомобил „ауди“ прегази седумдесет и шестгодишен пешак. Јавниот обвинител ја отфрлил кривичната пријава што ја поднело Министерството за внатрешни работи против неа бидејќи, како што соопштуваат од Обвинителството, пејачката не била виновна за сообраќајката. Вештачењето на Обвинителството и вештачењето на семејството се разликуваат, па било направено трето дополнително вештачење, кое покажало дека пешакот поминувал надвор од пешачкиот премин и возачот немал можност да ја избегне незгодата. Дежурен јавен обвинител, кога се случила сообраќајката, бил обвинителот во СЈО, Трајче Пеливанов, кој според тврдењата на семејството на жртвата, не излегол да направи увид. Сепак, тој тврдеше дека постапувал професионално дента кога бил дежурен и дека случајот не го водел понатаму.

Апелацискиот суд единствено му ја зголеми за една година затворската казна на Бојан Блажевски, кој пред неколку години ја прегази новинарката Сузана Тодоровска-Павловска на тротоар кај трговскиот центар „Зебра“. Кривичниот суд го осуди Блажевски на пет години затвор, а Апелацискиот суд му ја зголеми казната на шест години. Истрагата утврди дека возачот бил под дејство на алкохол и дрога. Обвинетиот ја призна вината и се покаја и сè уште ја издржува затворската казна.

Фросина Факова-Серафиновиќ