Ќе бара кривична одговорност за поморот на рибите во Вардар


Помор на риби беше забележан викендов по течението на реката Вардар во Општина Аеродром, а според првичните сознанија загадувањето најверојатно доаѓа од кругот на поранешна „Железара“.Од Град Скопје рекоа дека спровеле вонреден инспекциски надзор и дека се земени примероци од водата, но до вчера немаа одговор кој е одговорен за поморот, ниту пак колкава површина е зафатена и колку риби настрадаа.

 

„Дежурните инспектори од Инспекторат на Град Скопје заедно со екипи на ЈП „Водовод и канализација“ веднаш излегоа на увид на терен. Од страна на екипите на ЈП „Водовод и канализација“ веќе се земени примероци од водата за испитување. Првичните индиции на градските инспектори се дека загадувањето на реката на овој потег е од кругот на поранешна „Железара“. Во координација со надлежните државни инспекции ќе следат вонредени инспекциски контроли во кругот на „Железара“, а одговорните субјекти за ова загадување ќе бидат соодветно санкционирани“, соопштија од Град Скопје.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов рече дека се работи за испуштен индустриски отпад, за кој иако не е во нивна надлежност, на негово барање Градскиот инспекторат и „Водовод и канализација“ зеле примероци од водата и бил повикан надлежниот инспектор за водни услуги.

„Во текот на денешниот ден испитувањата од водата и целокупниот материјал ќе бидат предадени на надлежниот инспекотр за води во нашата држава. Имајќи предвид дека имавме нарушување на еко-светот, односно помор на риби, ќе барам освен прекршочната постапка што е стандардна во оваа ситуација да се испитаат сите можности од страна на државниот инспектор одговорниот да сноси кривична одговорност“, изјави Шилегов на прес-конференција на која најави реконструкција на улицата „Павел Шатев“.

Градскиот татко најави дека како институции не смеат да прават компромиси кога некој си игра со нашата животна средина, вклучително и со еко-светот во реката Вардар.

„Конечно ќе мора да разберат сите правни субјекти, сите физички лица дека во нашата држава ќе се сноси сериозна одговорност и кривична, особено кога доаѓа до вакви радикални пореметувања на еко-системот во градот, во околината на градот или на целата територија од нашата држава“, рече Шилегов. Појасни дека не е прв пат вакво нешто да се случува со Вардар, дека секогаш го лоцирале сторителот, а ќе го лоцираат и сега. Прекршочни мерки, за претходните случаи изречени се на еден субјект од комплексот „Железара“, но Шилегов овојпат ќе бара и кривична одговорност.

Градот нема одговор ни на прашањето колкава површина од реката беше зафатена со овој недозволен индустриски отпад, ниту колку риби настрадаа поради тоа.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје, исто така побара сеопфатна истрага за еколошката катастрофа која се случи на реката Вардар и уништувањето на живиот свет во главната артерија на Скопје.

„Ова не е изолиран инцидент, туку последица на континуирана негрижа на Градот Скопје и надлежните институции. Наместо парадерство на Шилегов, потребно е да се засукаат ракавите и да се понудат конкретни решенија. Оттука во неделата кога Шилегов се фалеше со достигнувањата во заштитата на животната средина среде Скопје отровна хемиска супстанца предизвика помор на риби во реката Вардар. И ова не е прв пат да се предизвика вакво уништување на животната средина. Жителите во близина на еколошката катастрофа се жалат постојано на миризби и испуштање на токсични материи во водата, додека градските инспекциски служби не реагираат со што се ставаат во заштита на нечии бизнис интереси наместо да го штитат здравјето на граѓаните“, се вели во нивната реакција.

Дополнително, Шилегов појасни дека перманентно се чисти коритото на реката Вардар особено од наноси, а се со цел да се вратат камењата во речното корито.

„Очекувам градежното претпријатие „Бетон“, конечно да го заврши делот околу мостот во центарот на градот пред да почне да расте нивото на Вардар, за да биде проточен“, рече Шилегов,потсетувајќи дека лани беше исчистено коритото од двете страни на потегот од Хром до Карпош 4, што беше зараснато со дрвја.

„Арцелор Митал“ е трујачот на Вардар

Еколошкиот инцидент во реката Вардар кај Аеродром, при што дојде до масовен помор на рибите, го предизвикал „Арцелор Митал – либерти хаус груп“, информира Државниот инспекторат за животна средина. Еколошката катастрофа се случила поради пукање, при што дошло до излевање на материјал измешан со железо и киселина без соодветно да биде третиран во системот за отпадни води и обоена црвеникаво-жолта отпадна вода завршила во реката Вардар, потврдија од инспекторатот.(Б.Б.)