„8 Септември“ и Инфективната клиника засилени со медицински лица од внатрешноста


Фото: Б. Грданоски

Во Градската општа болница „ 8 Септември“ во изминативе 24 часа примени се 15 нови пациенти, сите со потешки симптоми на вирусот, поради што болницата отвора два нови оддели за КОВИД 19.

„Деведесет и девет отсто од пациентите кои што се примени заради КОВИД 19 се со средна и тешка или пак многу тешка клиничка слика. Немаме пациенти со лесна клиничка слика. Имаме отворено осум оддели, два нови отворивме заради приливот на пациенти. Воглавно трансформирани се одделите каде што има централен довод на кислород, заради тоа што голем дел се на кислородна поддршка, а во интензивната нега имаме 15 пациенти со многу тешка клиничка слика кои што се поставени на респиратор“ – вели д-р Христијан Костов – директор на ГОБ „8 Септември“.

Уште три медицински сестри кои што работат во болницата се заразени со коронавирусот,а кај вкупно дваесет вработени е потврден вирусот. Како помош дојдени се 16 медицински сестри и пет лекари специјалисти за интерна медицина од внатрешноста, кои поминуваат сега низ обука за да се запознаат со протоколите за  лекување на овие пациенти.

– Добивме и пет специјалисти по интерна медицина, тоа ни е малку, но преку Министерство за здравство имаме инфомрација дека ќе добиеме уште 6 специјалисти кои што ќе бидат активно вклучени во лекувањето и ќе бидат дел од нашиот тим кој што веќе три месеци се нон-стоп вклучени во лекувањето на овие пациенти. Како расте бројката така се прошируваат и капацитетите на болницата, нема стравови дека ќе дојде некој пациент и нема да биде примен – рече Костов.

Осум медицински сестри вработени во кичевската болница од саботата се ангажирани како помош и на Инфективната клиника во Скопје.

– Испратени се осум медицински сестри и еден доктор , кои во Скопје ќе престојуваат две седмици. Го почитувавме барањето да бидат стручни за работа во вакви услови, бидејќи сите се искусни здраствени работници кои долг период работаат во нашата болница, изјави директорот на Општатата болница во Кичево, д-р Станко Трпески.

Сите медицински сестри и докторот кои од Кичево заминаа во Скопје, се сместени во хотел за време на двонеделниот престој таму.