Китанов: Ниедна патарина нема да поскапи


Фото: Б. Грданоски

Патарините нема да поскапи туку ќе поевтинат, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов по нервозата што се создаде околу ова прашање.

– Некој од ова сака да направи дневно-популистички настан. Луѓе задолжени да пишуваат по социјалните мрежи не прочитале за што станува збор. Нема никакво покачување, има намалување. Како има намалување? За десетина дена ќе ги пуштиме електронските патарини на Коридорот 10. Секој што ќе користи картичка, ќе има бонус во зависност од сумата, а особено камионите. Таму имате одреден бонус и до седум отсто. Дали имате претстава колку е тоа седум проценти на годишно ниво за тој што има 50 камиони? Значи има намалување – изјави Китанов.

Тој истакна дека е исправена една неправда од минатото бидејќи мотоциклите сега плаќаат помалку. На последната седница Владата ги оддели во посебна категорија 1А, што значи тие ќе плаќаат помалку од автомобилите. Посочи дека патарина ќе има кај Смоквица и додаде дека треба да биде јасно оти на секој автопат во светот се плаќа патарина во различен облик.

– Нашите цени се убедливо најниски во регионот. Едно е најбитно: кога сите овие градби ќе завршат за 5-6 години, одржувањето на патната инфраструктура ќе чини околу 100 милиони евра. Парите од патарините ги користиме за тоа, за граѓаните, а не за жални врби – дециден беше Китанов.