Китанов: Интензивно се гради експресниот пат Штип-Радовиш


Интензивно се гради експресниот пат Штип-Радовиш, и ова е пример како треба да се гради еден пат, оцени денеска директорот на Агенцијата за државни патишта, Зоран Китанов кој беше во контрола на оваа делница долга околу 24 километри а, што се гради од мостот на реката Брегалница, до клучката кај радовишкиот рудник „Бучим“. Вредноста на оваа делница е над 28 милиони евра

-Во завршна фаза е делот, каде што се качуваат на трасата по која ќе можат работниците да се движат, а паралелно со тоа ќе оди и рехабилитацијата на стариот пат. Значи да не го оштетуваат во наредниот период ќе се движат само по горниот слој. Инаку до Нова година според темпото имаа предвидено да имаат реализација од 20 отсто,  а тие имаа 35 отсто. Значи многу се понапред од предвиденото, вели Китанов.

Тој забележа дека проектот е од претходната Влада, а тие како нова власт само го продолжуваат, но во текот на изградбата се соочиле со проблеми во делот на проектирањето, а грешките на редовните состаноци, како што вели, се отстрануваат.

-Една од поголемите грешки или проблеми што ќе ни се јават е потпатникот под мостот на реката Брегалница, каде што изведувачот понуди друго решение, што можеби малку ќе го поскапи проектот, но ќе биде многу поквалитетно за граѓаните и за безбедноста на самиот пат, вели Китанов.

Зарвшена е тендерската постапка и за вториот дел од оваа делница, а тоа е од штипската населба Три чешми до мостот на реката Брегалница и од клучката кај радовишки Бучим до влезот и излезот на Радовиш, овие делови од експресниот пат Штип-Радовиш се во должина од 16,87 километри.  

Китанов соопшти дека тендерската документација веќе е доставена до Европската банка за обнова и развој, а кој се гради со кредит од оваа банка. Очекува дека за месец дена и на овој дел од експресниот пат Штип – Радовиш ќе биде избран изведувач на градежните работи, а изградбата на овој дел се очекува да трае две години.

Прашан кога ќе се пушти автопатот Штип-Миладиновци и што се пречките за да не се пушти оваа автопатска делница, што до пред неколку недели на возачите на диво возеа по неа, Китанов истакна дека автопатот е технички завршен.

-Но некој заборавил да ги третира луѓето од околните места, како тие ќе се приклучуваат на тој автопат, како ќе одат до Свети Николе и тој проблем ние сега го решаваме. Иако, имаме сообраќајно решение да можеме и вака да го пуштиме. Но, сепак и еден човечки живот е премногу за два месеца да се средат сите останати работи, рече Китанов.

Тој забележа дека не три, туку некој 33 дена по овој автопат возеше на диво, без да се пушти оваа автопатска делница, при што на градежните фирми им ја отежнувале изградбата и бележењето.  

-Знаете и колку сообраќајки имаше. Иако имаше поставена прописна сигнализација дека е затворен, забранет ни се случуваше да 500-килски бетонски бариери со синџири ноќно време да ги влечат од камионите, да се тргнат за да продолжат да возат по патот, а притоа при тоа возење се оштетуваше асфалтот, па мораше повторно да се асфалтира. Еден ден се случи, кога заврши бележењето на трасата, попладнето колите повторно да ја тргнат таа бариера и да ги избришат сите бележани траки. Значи, ние никогаш не сме го пуштиле патот официјално, рече Китанов.

Смета дека овој автопат од Штип до Миладиновци ќе биде пуштен кон средината или крајот на мај.

Китанов информираше дека по отстранување на пречките и експропријацијата на земјиштето веќе на експресниот пат Штип-Кочани, односно првиот дел од овој пат од Штип до село Крупиште веќе интензивно се гради.

-Прогресот е веќе 50 отсто и верувам дека оваа година ќе финишира со завршување. Но, во меѓувреме заврши тендерската постапка за Крупиште-Кочани и во петокот го воведовме во работа изведувачот, што го доби тендерот и така ќе има еден куриозитет што тендерот го доби кинески Синохидро. Но, тука ќе видите и ќе ги посочиме разликите во цените што се давани за Миладиновци-Штип и како сега кои цени ги имаат дадено за овој пат, доста се интересни, вели Китанов.

Прашан која е разликата, Китанов со одговор дека наскоро ќе биде детално дадена информацијата.

-Има ставки, каде што најмалку три пати се поскапи некои ставки, вели Китанов.

Инаку досега ниту еден пожар на отворено ја нема загрозена изградбата на патиштата во земјава.