Кисела Вода ќе аплицира со 15 инфраструктурни проекти за унгарските пари – и партерот на салата „Расадник“ меѓу нив

Кисела Вода денес поднесе 6 од предвидените 15 проекти со кои аплицира на вториот владин повик за финансирање на инфраструктурни проекти.
„Целосно е подготвена и доставена документацијата за шест проекти, додека останатите девет се во фаза на подготовка и ќе бидат доставени до крајниот рок. Реализацијата на овие проекти е од исклучително значење, бидејќи се клучни за модернизација и развој на локалната инфраструктура, а реализацијата на одобрените проекти од првиот повик е во тек“, соопштија од општината.
Поднесените проектите денес се:
1.Основен проект за Реконструкција на линиски објект – дел од локален пат од мост Драчево до Охис на територија на општина Кисела Вода;
2.Основен проект за реконструкција на улица Киро Фетак во дел кај мостот;
3. Основен проект за доградба на ООУ “Невена Георгиева – Дуња“, општина Кисела Вода – Скопје и Основен проект за доградба на ООУ “Невена Георгиева – Дуња“, општина Кисела Вода – Скопје (втор дел – адаптација и новопланиран партер);
4.Новопроектирана „Улица 2“ и паркинг простор во КО Кисела Вода 1 (позади ООУ “Кузман Јосифовски Питу”) на територија на Општина Кисела Вода;
5.Основен проект за Реконструкција на ул Томе Арсовски во ДУП за локалитет Бирарија на територија на општина Кисела Вода и
6.Основен проект за Реконструкција на ул Фредерик Шопен во ДУП локалитет Бирарија на територија на општина Кисела Вода.
Од општината велат дека аплицираат со вкупно 15 капитални проекти кои значат значително подобрување на инфраструктурата во нашата општина.
„Средствата што очекуваме да ги добиеме преку овој владин повик ќе бидат насочени кон изградба, реконструкција и модернизација на улици и патишта, образовни институции и јавни површини, со што директно ќе се подобри квалитетот на живот на нашите сограѓани. Секоја улица што ќе биде реконструирана значи побезбеден и поквалитетен сообраќај, секоја доградба на училиште значи повеќе простор и подобри услови за нашите деца, а секоја нова урбана површина значи подобро организирана и уредена средина.Оваа можност што ја нуди Владата претставува сериозен придонес за локалниот развој и верувам дека сите општини ќе аплицираат со квалитетни проекти. Сакам да истакнам дека иако денес поднесовме шест, до крајниот рок ќе поднесеме уште девет, што значи дека Општина Кисела Вода ќе аплицира со вкупно 15 капитални проекти. Ова се сериозни инвестиции кои ќе остават траен белег врз урбаниот развој на Кисела Вода и ќе обезбедат поквалитетни услови за живот на сите граѓани“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Останатите девет проекти кои се во подготовка и со кои ќе се аплицира до крајниот рок се:
1.Изградба на поликлиника во Кисела Вода
2.Партерно уредување на сала “Расадник”
3. Фекална канализација Припор-Бабин Дол
4.Доградба на ООУ “Кузман Шапкарев”-Драчево со спортска сала
5. Поплочување и реконструкција на атмосферски канал Драчево
6.Изградба на затворено спортско игралиште во ПОУ “Круме Кепески”
7. Месна заедница во Пржино
8. Реконструкција на улици во Пинтија, на “Речиште” и” Герника”
9. Партерно уредување на Мала Рада.