Кирил Петков зборуваше колку сака еден расказ на Чехов, а тој е на Толстој
Бугарскиот премиер за Дарик радио објаснуваше за неговиот омилен расказ „Колку земја му треба на човек“ погрешно тврдејќи дека е од Чехов
Бугарскиот премиер Кирил Петков направи комичен гаф за време на неговото гостување на Дарик радио. Водителот го запраша за односите на Бугарија и Македонија, притоа цитирајќи една фраза од рускиот писател Антон Павлович Чехов: „Можете да стигнете до убедување само преку лично искуство и страдање“.
На ова Петков одговори:
„Прво да кажам дека имам омилен расказ од Чехов – ‘Колку земја му треба на човек’. Секој треба да се сеќава на оваа негова приказна. На еден човек му се дава можност да огради огромна површина, трчајќи од утро до зајдисонце; амбицијата го тера да трча, но не ја проценува својата сила; завршува со многу земја, но не целата што ја замислувал и умира на зајдисонце, преморен; тој е закопан во гроб два на два метри. Значи, оваа приказна на Чехов ми е омилена – додека се трудиме да заградиме што е можно повеќе, треба да размислиме, всушност, кои се важните работи, на кои работи да им се даде приоритет“, рече Петков.
Употребувајќи ја метафората на тема Македонија, Петков коментираше дека можеме да сакаме многу работи, но не треба да заборавиме која е крајната цел – вистинско добрососедство.
Сите одамна знаат дека расказот е навистина прекрасен. Но тој не е напишан од Чехов, туку од Толстој.