Кирил Петков во Бугарија обвинет дека ги прифатил „наредбите“ на Сталин за Македонија
Петков е обвинет дека се однесувал како претприемач кој ја дал државата Бугарија под закуп во односите со Македонија
Дали оптимизмот на Кирил Петков за скоро решение на проблемите меѓу Бугарија и Македонија е вистински и заснован на факти, или за тоа него го чека голема блокада во бугарското општество?
Еден ден откако бугарскиот премиер објави дека „наскоро се очекува добра вест за кревање на бугарското вето за Македонија“ и дека е „оптимист за целиот процес“ во Бугарија се појавија реакции кои во основа се против решавањето на спорот ако тој не биде според образецот што го заговара Софија. Па дури Петков е обвинет дека ја спроведувал политиката на Сталин за македонизација на Македонија и за културната автономија.
Во авторски текст за агенцијата Бгнес, Иван Николов, новинар и публист, еден од погласните заговорници на тврдењето дека македонската нација всушност е бугарска, го обвини Петков дека „се однесува како претприемач кој ја дал државата Бугарија под закуп“ и дека не успевал да разбере некои од нејзините најважни карактеристики. Николов го нарекува Петков „дилетант“ и како секој „дилетант“ тој објавил „самоуверено и арогантно дека се постигнати големи резултати во нашите односи“. Николов тврди дека Петков имал „многу празнини во познавањето на Бугарија“, особено за годините кога се „градеше новата македонска држава во рамките на Титова Југославија“.
Па потоа цитирајќи изјави на Лазар Колишевски, Георги Димитров, Тодор Павлов, Васил Ивановски… и за културната автономија на Пиринска Македонија започната наводно според задачите на Сталин, Николов тврди дека Кирил Петков „ентузијастички ги прифаќа наредбите на Сталин“.
Тврдејќи дека „денешната политичка македонска нација и држава се изградени на камен-темелникот на антибугаризмот… Кирил Петков, во услови на тешка евроинтеграција, наместо да им ги објаснува на нашите европски партнери трагичните промени во судбината на нашите сонародници во Пиринска и Вардарска Македонија, ентузијастички ги прифаќа наредбите на Сталин и се обидува да го воскресне неговиот одамна негиран ‘метод’ за производство на нови народи“. Николов на крајот се запрашува дали „’новата’ бугарска политика кон Македонија на премиерот Кирил Петков е по моделот Сталин-Димитров и наметната со самодоверба и аматерски дилетантизам“.