Кирил Петков се плаши од хибридната војна на Бугарите против Бугарија

„Бугарското предавство ме згрозува“, изјави бугарскиот премиер


 

Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска изјави дека било логично во војна како оваа во Украина да се очекуваат хибридни напади кои доаѓаат од Русија, но оние што се случуваат на бугарска територија ги дефинира како злосторство и предавство, а како пример го наведе однесувањето на социјалните мрежи на партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ.

Тој го наведе примерот на Фејсбук профилот на младинската организација ГЕРБ, објавувајќи дека за само една ноќ биле спонзорирани над 2 милиони објави за да се искористи неизвесноста од војната за ширење паника. Тој го опиша како криминал и предавство само за извлекување политички дивиденди за партијата.

„Таму имам понегативно чувство во споредба со руската хибридна војна. Бугарското предавство ме згрозува“, рече тој, изразувајќи надеж дека на крајот по создавањето паника за различни видови стоки – гориво, нафта, а потоа и други, луѓето конечно ќе сфатат дека се изманипулирани и нема да паничат.

Тој нагласи дека хибридните напади не се фатаморгана, не се нешто за што се пишува на Фејсбук, туку се поткрепени со акции насочени кон создавање потреси, пишува весникот „Дневник“. Тој даде пример за тоа што се случи на 3 март (националниот празник на Бугарија), кога беше исвиркан и удрен со снежни топки, за што пак ги обвини приврзаниците на националистичката и проруска партија Преродба, кои непосредно пред тоа имале неколкучасовна средба со руската амбасадорка во Софија.

Петков повика да се направи разлика меѓу приврзаноста на Бугарите кон руската култура и нивните пријатели и режимот на Путин.

„Овие две работи не се исти. Затоа сакав да клекнам на Шипка, каде што руските војници ги дадоа животите за Бугарија“, објасни тој. Тој посочи дека сега има можност да се одржи дебата во Бугарија, која не се одржала 70 години. Според него, оваа дебата е за тоа како е да се биде Бугарин, каков е односот на Бугарија кон Русија.

„Многу ја сакам руската литература и уметност, имам пријатели, но ова не може да се стави под една капа и да го поддржам Путин“, рече тој. Токму на оваа линија тој смета дека на Бугарската социјалистичка партија ѝ било најтешко поради сопартијците, кои традиционално имаат топли чувства за сѐ што е поврзано со Русија. Тој ѝ честиташе на партијата за поддршката на мерките против Русија. „За нив е многу потешко да ја разликуваат љубовта кон рускиот народ на нивните гласачи од мерките против режимот на Путин“, рече Петков. Сепак, фактите се поинакви – БСП не ги поддржа санкциите против Русија во декларацијата усвоена од собранието.