Кирил Петков примени советски метод – го исече Ковачевски од сликата со Блинкен

Нема реално објаснување за вистинските мотиви за сечењето на македонскиот премиер од заедничка фотографија. А е и прилично некоректно спрема Димитар Ковачевски, кого го нарекува пријател


Вистинската фотографија на средбата на двајцата премиери со Ентони Блинкен на Фејсбук профилот на Димитар Ковачевски, и пресечената на Фејсбук профилот на Кирил Петков

 

Одрасна е во Канада, дипломираше на универзитетот во Ванкувер, има мастерс студии од Харвард, па сепак бугарскиот премиер Кирил Петков покажа едно советско потклекнување.

На заедничката фотографија од Минхенската безбедносна конференција, на која се тој, македонскиот премиер и американскиот државен секретар, тој или некој од неговите служби за односи со јавноста го пресече Димитар Ковачевски. Не со некаков фотошоп или во темните комори при развивање на фотографиите, туку несмасно, со дигитален скалпел. Додуша, на фотографијата објавена на Фејсбук профилот на Петков се гледаат левата рака и левото раме на Ковачевски. Нивното уште подраматично пресекување ќе требало да зафати и дел од главата на Ентони Блинкен, па „режачот“ морал да ги остави.

Фотографијата на тројната средба – куса или малку подолга, со суштински или протоколарен разговор, не е сосем јасно – ја објави Димитар Ковачевски на неговиот Фејсбук профил и напиша: „Срдечна средба со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен, за време на обраќањето на потпретседателката на САД Камала Харис. Го делиме мислењето дека заедно сме посилни како сојузници во НАТО. Државниот секретар Блинкен ја изрази својата целосна поддршка за дијалогот и пријателството меѓу Македонија и Бугарија и ја сподели својата искрена желба да нѐ види заедно во ЕУ. САД остануваат наш посветен партнер во надминувањето на предизвиците“.

Неколку часа подоцна и Кирил Петков ја објави истата фотографија, но од неа со дигиталниот скалпел е исечен Ковачевски и делува како некој фан искористил брза можност да се сретне со својот идол.

Во колажот Кирил Петков објавува и фотографии со британскиот премиер Борис Џонсон, францускиот претседател Емануел Макрон и спикерката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси. Во текстот за овие средби тој зборува за сосема друга работа:

„Борбата против корумпираните зависи и ќе се случи главно самостојно, но во оваа битка се вклучени и нашите партнери. Елиминирањето на корупцијата е главен приоритет за целата демократска заедница и безбедносните служби. Ќе работиме заедно за да се справиме со овој проблем. Ако успееме да го направиме тоа, веднаш ќе следат инвестиции и нови високо платени работни места“, напиша Петков.

Нема реално објаснување за вистинските мотиви за сечењето на македонскиот премиер од заедничка фотографија. Може да е Кирил Петков самиот да си даде поголемо значење во бугарската јавност. Можно е е тој да не сакал да се види дека Блинкен разговарал со него и Ковачевски, следствено на тоа – дека Америка можеби прави некаков притисок за побрзо решенеие на спорот. Можно е сосема нешто трето.

Што и да е, тоа е несоодветно. Особено не во овие дигитални времиња кога вистината доаѓа на дофат на раката за минута-две. И плус е прилично некоректно спрема оној (Димитар Ковачевски) кого го нарекува пријател. (Н.В.)