Кирил Петков ја отфрли идејата Историската комисија да ја замрзне работата
Нашите дискусии не ги решаваат експерти. Тие се решаваат на ниво на премиер и министри, рече бугарскиот премиер
Бугарскиот премиерот Кирил Петков денеска го отфрли предлогот на копретседателот на Истриската комисија, Драги Ѓоргиев, да се суспендира нејзината работа на две години.
„Политиката ја водат политичари, а не експерти. Ние поставивме јасна политичка рамка во нашите дискусии, имаме јасен став на бугарската влада, на Северна Македонија – исто така. Така што овие работи не ги решаваат експерти. Тие се решаваат на ниво на премиер и министри“, коментираше Петков.Претходно и од македонското Министерство за надворешни работи соопштија дека историската комисија продолжува со работа затоа што таа е дел од Договорот за добрососедство.
Петков се осврна и на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во која Гоце Делчев го нарече „бугарски револуционер“:
„Денеска ја славиме 150-годишнината од раѓањето на еден од најсветлите умови во нашата историја – бугарскиот револуционер Гоце Делчев. Тој е еден од симболите на борбата за слобода, идеолог на македонско-одринското револуционерно ослободително движење. Гоце Делчев е составен дел од нашата заедничка историја со народот од Северна Македонија. Тој е еден од личностите кои ги прават горди и двата народа“.
Тој исто така рече дека шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев со министерката за култура на Македонија Бисера Костадиновска-Стојчевска.
„Присуството на нивниот министер за култура е гаранција за високо политичко ниво“, нагласи тој.
Со низа манифестации во Благоевград свечено ќе се одбележи годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Во 17 часот од Судскиот совет ќе започне свечена поворка во спомен на Гоце Делчев, а во 17:30 часот е свеченото положување венци пред споменикот на Делчев на плоштадот „Македонија“. Во фоајето на Регионалниот историски музеј во градот ќе биде претставена изложбата „Бесмртниот апостол Гоце Делчев“.
Благоевград е поврзан со Гоце Делчев и неговото семејство. Таму се погребани неговиот татко и други негови роднини. Во Благоевград се спасени многу бегалци од Кукуш од почетокот на 20 век. По Гоце Делчев е именуван и градот Неврокоп во 1951 година, каде што има споменик на херојот во ослободителната борба за независна Македонија.