Кирил Петков им се извини на Бугарите што ќе коалицира со ГЕРБ


 

Во долга објава на Фејсбук, копретседателот на коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија (ПП-ДБ), Кирил Петков, им се извини на гласачите што ветувањето дека  во кабинетот за кој ќе добијат мандат нема да има претставници на ГЕРБ – ќе остане неисполнето. Неговата изјава доаѓа откако пред еден ден и официјално беше објавено дека ПП-ДБ и ГЕРБ ќе формираат влада, која ќе има ротирачки премиери по девет месеци. Најпрвин функцијата ќе ја заземе Николај Денков од ПП, а потоа и Марија Габриел од партијата на Бојко Борисов.

„Мора јасно да се признае дека ветувањето да нема ниту една личност поврзана со ГЕРБ во идниот кабинет со втор мандат не се одржа со Марија Габриел. Ако нашите пријатели и гласачи се чувствуваа страшно поради овој факт, се извинувам“, напиша Кирил Петков по повод договорот со ГЕРБ.

Според Петков, Габриел е клучот што овозможува да се конструира моделот со ротирачкиот премиер.

„Таа е личност која има неспорни квалитети и компетентност во Брисел. Никој не се залажува дека за да се случат еврозоната и Шенген , некој треба да ги направи во Европа. Мислам дека и најголемите критичари на ГЕРБ не можат да негираат дека Марија Габриел има повеќе искуство од многу други за да ги исполни овие две задачи во Европа. Лично верувам дека со неа како вицепремиер и министер за надворешни работи во првите девет месеци, а потоа и како премиер, ќе ни даде реална шанса ова да се случи“, напиша копретседателот на ПП.

Петков во својата објава тврди дека договорот со ГЕРБ не бил коалициски и дека идејата за ротација е создадена токму затоа што немало начин ПП-ДБ да коалицира со партијата на Борисов. Во реалноста, сепак, токму овие две пратенички групи стојат зад мнозинството што ќе го поддржи идниот редовен кабинет.

„Коалицијата би била многу полесна ако си верувавме еден на друг, но како што реков претходно, не си веруваме. А бидејќи не го правиме тоа, мораме да влеземе во оваа сложена структура на промена на премиерот по девет месеци. Важно е да се напомене дека промената на премиерот ќе биде факт, но министрите остануваат исти. Овој модел на владеење, кога постои неможност две партии да бидат во коалиција, но и неможност да се формира кабинет без генерален глас во парламентот е единствениот можен“, посочува Петков.

Според него, ПП-ДБ ќе продолжи да се бори против корупцијата. Петков уште еднаш потврди дека нема да биде министер во идната влада.