Кирил Петков е најпребаруваното име во Гугл на бугарски јазик


Кирил петков во центарот каде што се организираат тнр. Курсеви од Харвард

Мандатарот за состав на новата бугарска влада изгледа дека им влезе под кожата на најголемиот дел од неговите сонародници. Кирил Петков е најпребаруваното име во Гугл на бугарски јазик во категоријата личности за 2021 година, покажаа официјалните податоци на пребарувачот оваа недела. А најпопуларно беше на денот на парламентарни избори – 14 ноември, кога на изборите победи формацијата „Продолжуваме со промената“ создадена од него и неговиот пријател, колега и политички партнер Асен Василев.

Еуфоријата на дел од општеството беше канализирана и организирана на социјалните мрежи – кон крајот на јуни фановите на тогашниот службен министер за економија формираа Фејсбук група со повик „Кирил Петков – премиер“, чиј број рапидно растеше, а сега има десетици со слични називи.

Нишката од Харвард во неговата биографија стана заштитен знак на Петков (претходно во некои кругови познат како „Киро Харвард“), првата техничка влада и членовите на неговиот политички проект. За него на страницата на „Продолжуваме со промената“ стои дека тој „дипломирал финансии на Универзитетот на Британска Колумбија во Ванкувер и магистрирал бизнис администрација на Универзитетот Харвард, каде што предава економски развој и конкурентна микроекономија“.

Критичките текстови, како што пишува софиски „Дневник“, го испровоцираа Петков како министер да ја покаже својата диплома од Харвард пред ТВ камерите. Потоа се пофали дека е меѓу првите 10% ученици во неговата класа од 900. Но не се познати детали за неговата професорска кариера на престижниот универзитет.

Тој е еден од основачите на Центарот за економски стратегии и конкурентност – поврзан со Центарот за стратегии и конкурентност на бизнис школата Харвард – која организира т.н. Курсеви на Харвард.

Кирил Петков, кој до неодамна беше канадски државјанин бидејќи неговите родители емигрирале таму кога тој бил тинејџер, всушност одамна се вратил во Бугарија со своето семејство. Во Софија ја донел и сопругата (Канаѓанка) со која има три ќерки. Кога беше назначен за министер, имаше коментари дека Линда Мекензи-Петкова е попозната од нејзиниот сопруг по учеството на кулинарскиот натпревар „Мастер готвач Бугарија“. Пред неколку години таа отвори слаткарница во центарот на Софија, а прегледите на Фејсбук покажуваат дека таа редовно испорачува печива без глутен, вклучително и во американската и други амбасади. Петков во последните месеци често дава пример со малиот бизнис на сопругата и какви сѐ тешкотии има овој тип на претприемачи, поради административните барања или поради ефектот од цената на струјата.