Киргистанскиот претседател е против преминот кон латиница
Киргистанскиот претседател Садир Жапаров се изјасни против преминувањето од кирилица на латиница, проект поддржан од Турција кој привлече повторно внимание на јавноста од почетокот на руската инвазија врз Украина.
Како што пренесе БТА, прашањето за преминување кон латиница останува чувствително прашање во поранешната советска република, каде рускиот јазик сè уште има статус на официјален, заедно со киргистанскиот.
– Прерано е да се зборува за преминување на киргистанскиот јазик на латиница, рече Жапаров во изјава за официјалната киргистанска новинска агенција Кабар. „Нема сомнеж дека развојот на државниот јазик треба да продолжи на кирилица“, нагласи тој.
Властите се обидуваат да ја зајакнат улогата на киргистанскиот јазик, и во исто време остануваат внимателни кон Кремљ, кој делумно ја објаснува неговата војна во Украина како „заштита на граѓаните кои зборуваат руски и живеат во земјата“.
Во исто време, Турција, која сака да се зближи со турското говорно подрачје од Централна Азија, инсистира на усвојување на заедничка азбука. Од петте поранешни советски републики во регионот, само Туркменистан одлучи да ја избере латиницата по распадот на СССР, заменувајќи ја кирилицата.
Киргистанскиот, таџикистанскиот и казахстанскиот јазик се пишуваат на кирилица, а во Узбекистан двете азбуки се користат паралелно три децении, во услови на процес на премин кон латиницата.
Во Казахстан, каде рускиот исто така е официјален јазик, проектот за латиница за казахстанскиот јазик се чини дека наидува на тешкотии. Казахстанскиот претседател Касам-Жомарт Токаев постојано го критикуваше воведувањето на латиницата и повика да не се брза. „Веќе направивме многу грешки обидувајќи се да го решиме овој проблем што е можно побрзо“, рече тој кон средината на месецот.