Кирацовски во Обвинителството на распит за „Рекет“


Фото: Б. Грданоски

По пратеничката Фросина Ременски, бизнисмените Силјан Мицевски, Ардијан Амзоски и водителката Лила Филиповска, денеска во Обвинителството за организиран криминал и корупција исказ треба да даде и пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски во врска со случајот „Рекет“.

Пратеничката Ременски вчера повеќе од два часа даваше исказ во Јавното обвинителство за, како што рече, се што е поврзано со случајот „Рекет“, со Меѓународниот сојуз и се што е во интерес на истрагата. Рече дека со индигнација ги отфрла сите поврзувања.

По обелоденувањето на аферата „Рекет“, Ременски се споменуваше како почесна претседателка на Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.

Исказ за „Рекет“ во Обвинителството, претходно неделава дадоа и водителката Лила Филиповска и бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски.

Мицевски пред Обвинителството изјави дека пари префрлил на сметката на Меѓународниот сојуз, а не на сметка на пензионерката Лилјана Тодоровска. Станува збор за 720 илјади евра кои, како што рече, ќе бара да му бидат вратени.

Водителката Лила Филиповска на излегување од Обвинителството не сакаше да даде изјава за медиумите. На новинарските екипи им испрати бакнеж со зборовите „чао друштво“.

Амзоски на сметката на Меѓународниот сојуз на Боки 13 уплатил околу 260.000 евра за стратешко партнерство и деловна соработка.

Во врска со „Рекет“ осомничени и во притвор се Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милевски – Кичеец и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.