Кир Стармер стана нов лидер на британските лабуристи


Изборот на Кир Стармер значи раскрстување со наследството на Џереми Корбин

Лондон – Најголемата опозициска партија во Британија, Лабуристичката партија, го именуваше Кир Стармер, поранешен директор за јавни гонења, кој се спротивстави на излезот на земјата од Европската унија, како нејзин лидер во саботата.

Тој победи со 56,2 отсто од гласовите од партиските членови и поддржувачите. Гласаа вкупно 490.731 лица. Неговиот најблизок ривал, Ребека Лонг-Бејли, доби 28 отсто од гласовите, а Лиза Нанди 16 отсто. Ангела Рајнер беше избрана за заменик-лидер во третиот круг со 53 отсто од гласовите.

Говорејќи по објавувањето на резултатите, Стармер рече дека ќе работи конструктивно со владата и дека неговата победа се случила „во еден момент како никој друг во нашиот живот“, бидејќи нормалниот живот е стопиран.

Тој исто така рече дека е свесен за обемот на задачата пред него, во момент кога конзервативците уживаат речиси рекордна поддршка.

„Само што изгубивме четири избори по ред. Ние не успеваме во нашата историска цел“, рече тој во видео-пораката. „Ги разбирам обемот на задачата, тежината на позицијата во која се наоѓаме. Имаме планина да се искачиме, но ќе ја искачиме, и ќе дадам сѐ од себе за да се поврземе низ целата земја, повторно да се ангажираме со нашите заедници и гласачите“.

Победата на Стармер го означува крајот на ерата на Корбин, за време на која партијата отиде далеку в лево. Групата околу Корбин ја поддржа Лонг-Бејли за лидер и Ричард Бургон за заменик, но ниту еден од нив не беше ни приближно блиску до победа, што укажува на апетит кај членството и приврзаниците за промена на правецот по изборниот пораз на лабуристите во декември.

Стармер посочи дека ќе им даде улоги на кабинетот во сенка на неговите ривали, Лонг-Бејли и Нанди.    (Според агенциите)