Кипар ќе стави вето на проширување на ЕУ, ако нема заеднички став за Турција


Кипар се заканува дека ќе стави вето на секој договор за проширување на ЕУ, објави Ројтерс пред денешниот почеток на состанокот на министрите за надворешни работи на 28 земји-членки за разговори околу почетокот на преговорите за членство на двете балкански држави – Северна Македонија и Албанија.
Според последниот заеднички извештај до кој Ројтерс имал увид, одлуката за овие две држави може да се одложи до октомври, за кога се очекува и германскиот парламент да го разгледа ова прашање. Земјите-членки на ЕУ се судриле повторно околу почетокот на преговорите за пристапување во Унијата со Албанија и Северна Македонија.
За време на состанокот, Кипар се заканил дека ќе стави вето на секој договор за проширување ако ЕУ не го изостри својот став за турското истражување на природниот гас во источниот Медитеран, пишува британската агенција.
– Имаше големо несогласување меѓу претставниците на земјите-членки и не е сигурно дека сите министри ќе можат да се согласат – рече дипломатот на ЕУ, пренесува Ројтерс.
Кипар се закани дека ќе го блокира целиот текст, кој исто така се однесува и на идните изгледи на сите земји кои се залагаат за влез во Унијата, вклучувајќи ги и балканските земји Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, освен ако проблемот со Турција не биде решен.
Според дипломатите, Никозија бара заедничка позиција на ЕУ во врска со прашањето за истражување на природен гас во источниот Медитеран од страна на Турција, што, според кипарските Грци, тоа дејствие ја нарушува ексклузивната комерцијална област.