Кино на отворено во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода

Во паркот „Македонија“ кај Домот на култура „Билјана Беличанец“ синоќа почна со работа киното на отворено, што Општина Кисела Вода го организира во соработка со „Киноверзум“, Кинотека и Францускиот институт. На првата вечер беше прикажан детскиот филм „Бунтовната принцеза“, синхронизиран на македонски јазик, а потоа и „Марија“, посветен на оперската уметница Марија Калас.
Како што информира Општина Кисела Вода, програмата продолжува вечерва со франкофонска содржина. Во 20:00 часот ќе биде прикажан анимираниот филм „Каламити“, а во 21:30 часот играниот филм „Повторно родена“.
Киното на отворено ќе трае до 24 август, со проекции на филмови за различни возрасти и вкусови. В сабота, во рамки на македонската вечер ќе бидат прикажани блок краткометражни играни филмови „Ракетно моделарство“, „Баскет“ и македонскиот филм „До балчак“.
В недела посетителите ќе можат да ги погледнат анимираниот филм за јунаците од светот на Биби „Златната пеперутка“ и македонскиот документарен филм „Медена земја“.