Кинеските Тему и Шеин најавија зголемување на цените поради царините на Трамп

Кинеските онлајн продавници „Тему“ и „Шеин“, познати по ниските цени, следната недела ќе ги зголемат цените на производите поради заострувањето на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп за увозните производи со мала вредност и високите царини кои ги зголемија оперативните трошоци на компаниите.
Во белешки испратени до нивните клиенти оваа недела, компаниите велат дека ќе ги зголемат цените почнувајќи од 25 април и ги охрабруваат потрошувачите да купуваат „по денешни цени“.
„Поради неодамнешните промени во глобалните трговски правила и тарифи, нашите оперативни трошоци се зголемија. За да продолжиме да ги нудиме производите што ги сакате без да го загрозиме квалитетот, ќе ги прилагодиме нашите цени почнувајќи од 25 април 2025 година“, се вели во соопштението на двете компании.
Shein и Temu, кои продаваат производи од играчки до паметни телефони, забрзано пораснаа во САД, делумно благодарение на „de minimis“ ослободувањето што им овозможува да ги задржат цените ниски.
Сепак, нивниот бизнис модел се најде под притисок по неодамнешната извршна наредба на претседателот Доналд Трамп со која се затвора трговската дупка што им овозможи на пакетите поевтини од 800 долари од Кина и Хонг Конг да влезат во Соединетите држави без царина.
Наредбата стапува на сила на 2 мај.