Кинески научници завршија ажурирана геолошка карта на Месечината


Фото: Б. Грданоски

Кинески истражувачи завршија ажурирана геолошка карта на целата Месечина во размер 1:5.000.000, пренесе Синхуа повикувајќи се на Институтот за геологија при Кинеската академија за геолошки науки.

Основната карта, со должина од околу 280 сантиметри и висина од 120 сантиметри, е дополнета со геолошки карти на поларните региони на природниот сателит на Земјата. На картата со точност се одбележани над 13.000 ударни кратери и 81 ударен басен, при што се оцртани 14 типа геолошки структури и 17 вида карпи.

Врз основа на најновите податоци од кинеската програма за истражување на Месечината „Чанг’е“ (Chang’e) и други лунарни истражувања, картата ги ажурира геолошката временска скала на сателитот, класификацијата на лунарните материјали и картографското претставување на геолошките карактеристики.

Тимот ја ревидираше лунарната геолошка временска скала, дефинирајќи го почетокот на донектарискиот, нектарискиот и имбриумскиот период соодветно пред 4,33 милијарди, 4,17 милијарди и 3,92 милијарди години.

За првпат во светски рамки, картата обезбедува подетална поделба на стратиграфските единици што ги претставуваат подоцнежните фази од геолошката историја на Месечината.

Ажурираната карта вклучува и податоци со повисока резолуција кои ја прикажуваат распределбата на клучните минерали на површината на Месечината и го усовршува системот за класификација на карпите. Врз основа на најновите откритија од мисиите „Чанг’е-4“ и „Чанг’e-6“, таа го додава габроноритот како посебен тип карпа во басенот Јужен Пол – Ајткен.

За размерот 1:5.000.000 тимот одреди различни минимални прагови за картографирање според категоријата на објектите, зачувувајќи ја општата читливост без да се испуштат геолошки детали од големо научно значење.

Во 2022 година Кина ја претстави првата во светот геолошка карта на Месечината во размер 1:2.500.000, а во 2024 година го објави првиот во светот комплетен геолошки атлас со висока резолуција на природниот сателит на Земјата.

Новата карта обезбедува научна основа за изградба на идната кинеска лунарна истражувачка станица, изборот на локација за слетување и истражувањето на длабокиот вселенски простор, истакна директорот на Институтот за геологија, Јанг Џимин, додавајќи дека ова претставува нов придонес на Кина кон напорите на човештвото за проучување на еволуцијата на Сончевиот Систем.