Кинески авиони и бродови ја поминале линијата на раздвојување со Тајван


 

Тајван објави детали откако кинески бродови и авиони утрово ја поминале линијата на раздвојување.

Инаку, Кина спроведува големи воени вежби околу Тајван. Вчера во морето околу самоуправниот остров испалија 11 ракети што го разбесна Тајван, кој порача дека се подготвува за војна.

Извор од тајван вели дека 10 кинески бродови ја поминале линијата на раздвојување и останале на тоа подрачје, а исто така и 20 авиони накратко ја поминале оваа линија.

Ова го тврди анонимен извор за Ројтерс, а вели „околу 10 бродови на кинеската морнарица ја поминаа средната линија и останаа на тоа пордачје утрово, а околу 20 кинески воени авиони накратко ја поминаа средната линија“.

Уште нема официјална потврда од тајванското министерство за одбрана за бројот авиони и бродови кои ја поминале оваа линија.

Јапонскиот премиер повика на моментално откажување на кинеските вежби

Јапонскиот премиер Фумио Кишида повика на „моментално откажување“ на кинеските воени вежби насочени кон Тајванскиот мореуз.

Обраќајќи се на медиумите по состанокот со шефицата на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси во Токио, Кишида рече дека на Пелоси ѝ рекол дека повикале на моменално откажување на воени вежби.

Тој ги опиша овие воени вежби како сериозен проблем што влијае на нивната национална сигурност и сигурноста на нивните граѓани.

Тајванското министерство за одбрана потврди дека одговорило на утринската акција на Кина: „„Не бараме ескалација ниту ги антагонизираме другите“.

Потврдија дека користеле предупредувања, авиони, бродови и копнени ракетни системи во својот одговор на „повеќе кинески авиони и пловила кои учествуваат во вежбите околу Тајванскиот мореуз“.