Кинески астронаути тврдат: Во вселената одлично напредува одгледувањето растенија
Кинеските астронаути неодамна почнаа да одгледуваат ориз и крес како дел од експериментот кој има за цел за прв пат да го репродуцира целиот животен циклус на едно растение во вселената.
Храната и нејзината лесна достапност е важен фактор кој влијае на опстанокот кога човекот ќе се најде на илјадници километри од Земјата. За да ги подобрат своите шанси во вселената, бројни научници и агенции спроведуваат истражување за одгледување растенија во услови на микрогравитација – а Кинеската академија на науките сега објави дека сличен нивен експеримент на вселенската станица Тиангон досега успешно напредува.
Кина со години успешно ја развива својата вселенска програма, спроведуваат експерименти во орбитата и имаат своја вселенска станица Тиангон-1 (天宫一号). За да бидат што поуспешни во „вселенската трка“, меѓу другото, се обидуваат да откријат како се одвива процесот на одгледување на растенија во услови на нулта гравитација.
Резултатите до кои стигнаа научниците сега покажуваат дека е можно да се одгледува храна далеку од Земјата, што значи дека долгорочните истражувачки мисии во иднина би можеле да бидат многу успешни. Истражувачот Џен Хуикјон објасни дека културите можат да се одгледуваат само во вештачки средини кои имитираат услови на Земјата.
Вселенска градина
Експериментот започнал на 29 јули, кога на вселенската станица Тиангон-1 биле засадени семки од крес и ориз. Потоа, на 8 и 12 август, астронаутите отвориле експериментални кабинети, во кои е можно да се смени силата на гравитацијата, да се складираат посевите на ниска температура и да се примени биотехнологијата.
Првите резултати ги надминале сите очекувања на научниците бидејќи стебленцата од ориз пораснале меѓу 5 и 30 см, додека кресот успешно никнал и развил по четири листови. Истакнуваат дека ова откритие е многу значајно, бидејќи им дава основа да веруваат дека во вселената можат успешно да се развијат и други култури како што се маслодајна репка, зелка и прокељ.
До декември, растенијата ќе продолжат да растат, а екипажот ќе продолжи да го следи нивниот напредок. Целта на овој експеримент е подобро разбирање на животниот циклус на растенијата во вселената, како и испитување дали средини со микро т.е. нулта гравитација може да се искористи за да се зголеми продуктивноста на земјоделските култури на некој начин.
Ова не е првпат Кина да се вклучи во ваков експеримент, бидејќи пред две години нивната сонда испорача семе од ориз на Месечината и ги врати назад со цел да развијат нови сорти на зрна на Земјата. Од друга страна, експериментите на Меѓународната вселенска станица резултираа со вселенски пиперки, брокула и цветна градина. Додека научниците беа на Земјата, тие одгледуваа култури во лунарна прашина и потврдија дека во иднина би можеле да практикуваме земјоделство и на Марс.