Кинеската вселенска лабораторија “Небеска палата“ изгоре во текот на враќањето кон Земјата

Кинеската вселенска лабораторија „ Тиангонг-2“ денеска ја заврши својата речиси тригодишна мисија горејќи во текот на контролираното враќање во атмосферата на Земјата, над јужниот дел на Тихиот океан.

Поголемиот дел од леталото, долго 10,4 метри, беше уништено во текот на влегувањето во атмосферата, а помали парчиња паднаа на „ сигурно подрачје“ во јужниот дел на Тихиот океан, пренесе кинески весник, повикувајќи се на Кинеската вселенска агенција.

„Тиангонг-2“ , што значи „Небеска палата“ е тежок 8,6 тони, а беше лансиран во септември 2016 година и е претходник на Кинеската вселенска станица планирана за 2022 година.

Двајца кинески астронаути во 2016 година во леталото живееја повеќе од 29 дена, што претставува најдолг лет со човечки екипаж во кинеската вселенска историја.

Освен што ја тестираше можноста за живот во лабораторија, „Тиангонг-2“ беше и полигон и за вселенски летала за застанува, полнење гориво, како и други операции на одржување на потребите на идната вселенска станица.