Кинеската економија забрза во третиот квартал


Кинеското стопанство забрза во третиот квартал, поддржано од значителното закрепнување на потрошувачката на почетокот на есента по шокот предизвикан од корона вирусот, покажаа официјалните податоци во понеделникот.

Активностите во втората по големина економија во светот се зголемија за 4,9 проценти од јули до септември во однос на истиот период минатата година, соопшти Бирото за статистика. Во вториот квартал зголемувањето изнесуваше 3,2 отсто.

На квартално ниво, БДП се зголеми за 2,7 проценти помеѓу јули и септември. Во вториот квартал, тој беше за 11,5 проценти повисок отколку на почетокот на годината, кога избувна епидемијата.

Во периодот од јануари до септември, активностите беа за 0,7 проценти повисоки отколку во истиот период минатата година.

Закрепнувањето на втората по големина економија во светот од корона шокот започна веќе на почетокот на пролетта, а новите податоци откриваат дека на почетокот на есента се проширила и на потрошувачката. Така, во септември продажбата на мало се зголеми за 3,3 проценти на годишно ниво. Во август порастот изнесуваше скромни 0,5 проценти.

Индустриското производство скокна за 6,9 проценти во септември, по порастот од 5,6 проценти во претходниот месец.

И инвестициите на компаниите покажуваат забележителни знаци на закрепнување. Така, вложувањата во фиксен капитал во првите девет месеци беа за 0,8 проценти повисоки отколку во истиот период во 2019 година. Во првите осум месеци, тие беа за 0,3 проценти пониски.

Владата воведе бројни мерки за поттикнување на растот и за поддршка на вработувањето, вклучително зголемени државни трошоци и даночни олеснувања. Централната банка ги намали основните каматни стапки и ги олесни регулативите за банкарските резерви.

Оваа година единствено кинеската економија во групата големи економии ќе забележи позитивна стапка на раст од 1,9 проценти, проценува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).