Кинеската ЦАТЛ инвестира фантастични 7,3 милијарди евра во фабрика за батерии во Унгарија


Групацијата „Мерцедес Бенз“ (Mercedes-Benz Group AG) ќе се приклучи на кинеската компанија ЦАТЛ (Contemporary Amperex Technology Co. Ltd. – CATL) во изградба на фабрика за батерии во Дебрецен со инвестиција од неверојатни 7,3 милијарди евра (7,6 милијарди американски долари), пишува „Блумберг“.

Фабриката ќе има капацитет од 100 гигават часови, што е доволно за напојување на повеќе од милион автомобили и ќе работи на обновлива енергија, според ЦАТЛ, најголемиот светски производител на батерии за електрични возила.

Фабриката ќе биде лоцирана во Дебрецен (225 километри источно од Будимпешта), во непосредна близина на клиентите БМВ (BMW AG), „Стелантис“ (Stellantis NV) и „Фолксваген“ (Volkswagen AG), соопшти ЦАТЛ.

Државниот секретар на Министерството за надворешни работи и трговија Левенте Маџар рече дека фабриката изградена на површина од 21 хектар ќе отвори околу 9.000 нови работни места.

Како дел од својата заложба за намалување на јаглеродниот отпечаток во производството на батерии, ЦАТЛ ќе користи електрична енергија од обновливи извори на енергија и размислува за развој на соларна енергија со локални партнери во земјата.

За да изгради одржлив и кружен синџир на вредност на батерии, ЦАТЛ исто така ја истражува можноста за здружување на силите со локалните партнери за да се воспостават капацитети за материјали за батерии во Европа.

„Нема сомнеж дека нашата фабрика во Дебрецен ќе ни овозможи дополнително да ја зголемиме нашата конкурентска предност, подобро да одговориме на нашите европски клиенти и да ја забрзаме транзицијата кон е-мобилност во Европа“, рече д-р Робин Зенг, основач и претседател на ЦАТЛ.

„Гринфилд проектот во Унгарија ќе биде голем чекор во глобалната експанзија на ЦАТЛ, а исто така важен чекор во нашите напори да дадеме исклучителен придонес кон зелената енергија за човештвото“, заклучува кинеската компанија.