Кина успешно ја лансираше новата ракета „„Long March 8“


Кина– Кина денеска за првпат во вселената успешно лансира своја нова ракета – „Long March 8“, чии делови, како што се бустерите, ќе можат повторно да се користат и во иднина, јави ДПА.

Над 50 метри високата модуларна ракета се крена во вселената од вселенскиот центар Венчанг, на јужниот кинески остров Хаинан, носејќи неколку помали сателити, што ќе бидат ослободени во вселената.

Друг дел од ракетата, што, исто така, во иднина ќе може повторно да се користи, е првата ракетна фаза, која може вертикално да се спушти назад на Земјата, еден ден по лансирањето.

Ракетата „Long March 8“ има носивост меѓу 2,8 и пет тони, во зависност од орбитата на која е насочена, додава ДПА.

Набрзо по лансирањето, контролниот центар соопшти дека летот се одвива нормално и дека првиот обид за кревање во воздух е „целосен успех“, јави државната телевизија.

Петте помали сателити беа разсместени точно на нивните планирани орбити.

Кина спроведува амбициозна вселенска програма, со мисии на Месечината и Марс, како и изградба на сопствена вселенска станица во следните години, додава германската агенција.

Кинеска вселенска капсула со два килограма примероци од површината на Месечината минатиот четврток  успешно се врати на Земјата, со што Кина стана третата вселенски сила  што донела примероци од Месечината на Земјата, по САД и Советскиот сојуз.