Кина шокирана и бесна: Група мажи брутално претепуваат жени во ресторан


Нападот врз жените предизвика жестока дебата во Кина

 

Брутален напад на група жени во ресторан на северот на Кина, кој го снимија надзорните камери, предизвика лавина осуди за предаторско однесување и насилство врз жените, пренесува „Гардијан“.

Снимките од надзорните камери, од кои едната е особено вознемирувачка, масовно се споделуваат на социјалните мрежи. Едната покажува човек како се приближува до масата и ја става раката на грб на една жена додека таа ужива во оброк со две пријателки во ресторан во градот Тангшан, провинцијата Хебеи.

Откако жената ќе го оттурне, мажот ја удира, а на нападнатата жена ѝ доаѓа на помош нејзината пријателка со која седи на истата маса. Таа станува и го удира мажот, по што настануватотален хаос. Тој возвраќа, а веднаш му се придружуваат и мажите од друштвото со кои седи на истата маса. Потоа тие ја извлекуваат нападнатата жена надвор и брутално ја тепаат додека лежи на земја. Во исто време ја тепаат и другата жена.

Двете се примени во болница и се „во стабилна состојба и не се во смртна опасност“, соопштија официјални лица.

Иако во еден момент ситуацијата изгледаше како да се смири, еден од присутните ја удри со нога во глава несреќната жена која седеше на подот.

Инцидент се случи во градот со 3,6 милиони жители во раните утрински часови во петокот. Полицијата во Тангшан соопшти дека сите девет мажи вклучени во инцидентот биле уапсени во саботата. Бруталниот чин на насилство го коментираше и шефот на Комунистичката партија во Тангшан, Ву Веидонг, кој рече дека мажите ќе бидат казнети во согласност со законот и дека властите треба да започнат кампања за искоренување на „гангстерите и злите сили“.

Видеото брзо стана вирално во Кина и ја оживеа дебатата за сексуалната злоупотреба и родовото насилство во Кина, каде што расте јавната контроверзност за правата на жените и покрај притисокот од патријархалното општество, цензурата на интернет и несоодветната правна поддршка.

Нападот доминираше во дискусиите на кинеските социјални медиуми во саботата, заземајќи ги првите шест места на најдискутираните теми на Веибо. Државната телевизија повика осомничените да бидат најстрого казнети.

„Сето ова може да ми се случи мене, може да му се случи на секој од нас“, вели еден од коментарите во објавата која е лајкувана над 100.000 пати.

„Како сè уште се случува вакво нешто во 2022 година? напиша друг. „Ве молам, изречете им големи казни и не дозволувајте никој од нив да се извлече“.

„Ова се случи во општество каде насилството врз жените е неконтролирано“, се вели во анонимната објава.

Минатата година, маж фрли жешка течност во лицето на Шијао Меили, позната кинеска феминистка, откако таа го замоли во ресторан да престане да пуши. И покрај тоа што беше жртва на насилство, Шијао рече дека во тоа време била малтретирана преку Интернет, а многумина сметаа дека таа е виновна за инцидентот.