Кина осуди американски државјанин на доживотен затвор за шпионажа


Американец со постојан престој на Хонг Конг е осуден на доживотен затвор во Кина под обвинение за шпионажа, соопшти локалниот суд.

Толку тешка казна за странски државјанин за такво обвинение е релативно ретка во оваа азиска земја. Веројатно тоа дополнително ќе ги влоши кинеско-американските односи, кои веќе се на најниско ниво, јавија американски медиуми.

Џон Шин-ван Леунг, познат и како Лианг Чунјун, „беше прогласен за виновен за шпионажа и беше осуден на доживотен затвор и лишување од политички права“, се вели во соопштението на суд во Сужоу, источна Кина. За време на судењето, кое денеска се одржа зад затворени врати, беа конфискувани и личните средства на 78-годишниот Американец во износ од 500.000 јуани (66.000 евра).

Во соопштението за медиумите не се прецизирани точните обвиненија по кои Американецот е осуден, ниту која професија или дејност се занимавал во Кина.