Кина ќе ја финансира изградбата на пругата од Будимпешта до Белград


Будимпешта – Унгарија и Кина потпишаа договор за заем за финансирање на изградба на железничка врска меѓу Будимпешта и Белград, објави во петокот министерот за финансии Михали Варга.

Варга во видео на својата страница на Фејсбук рече дека заемот носи фиксна каматна стапка и опција за предвремена отплата, но тој не кажа кои се точните услови.

Клучен податок во договорот за заем е висината на  каматната стапка што ќе ја плати Унгарија.

На почетокот на овој месец, Унгарија подготви закони за класифицирање на сите податоци вклучени во договорите за железничкиот проект финансиран од даночни обврзници за 10 години.

„Имаме договор за заем кој е поволен и безбеден за Унгарија“, рече Варга во видеото, додавајќи дека условите на заемот биле „поволни во однос на тековно достапните услови за финансирање на долгот“.

Околу 85 отсто од финансирањето доаѓа од Кина како заем, додека 15 отсто е обезбедено од Унгарија, рече тој.

Варга рече дека новата железничка врска, која треба да биде завршена до 2025 година, ќе ѝ овозможи на Унгарија да биде центар за европски логистички мрежи, додека кинеската стока патува од Грција за западна Европа.

Унгарскиот дел од железничката пруга од 150 километри ќе биде изграден од конзорциумот ЦРЕ, кој ја вклучува холдинг компанија „Опус глобал“, контролирана од Лоринц Месарош, соработник на премиерот Виктор Орбан.

Другата половина од победничкиот конзорциум е во сопственост на кинеската државна компанија за железници.

Според изјавата на „Опус“ во 2019 година, холдинг-компанијата може да оствари приходи во вредност од околу 295 милијарди форинти (82 милиони евра) од проектот во текот на предвидениот градежен период. (Ројтерс)