Кина ќе ги избрка дописниците на „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и „Волстрит џорнал“


Портпаролот на кинеското МНР Жао Лиџијан (Фото: АП)

Кина ќе ги протера американските дописници на трите главни американски весници, во огромен напад врз покривањето на странските медиуми на земјата – и ескалацијата на пресметката околу печатот меѓу Вашингтон и Пекинг.

Одлуката, објавена веднаш по полноќ по пекиншко време, бара од американските граѓани кои работат за „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и Волстри џорнал“ да престанат да известуваат и да ги предадат своите легитимации за известување во рок од 10 дена, доколку нивните акредитиви истекуваат пред крајот на 2020 година.

Кина обично им дава на новинарите само 12-месечни визи и прес-картички, па мерката веројатно ќе влијае на повеќето дописници. Тоа ќе десеткува некои од најголемите редакции во Кина и ќе ги присили новинарите кои со децениско искуство ја покриваат земјата да си заминат.

Ним ќе им биде забрането да работат и во Хонгконг, автономниот град кој во минатото обезбеди база за дописниците во Кина кои не беа во можност да добијат виза од кинеските власти.

„Ним нема да им биде дозволено да продолжат да работат како новинари во Народна Република Кина, вклучувајќи ги и нејзините специјални административни региони во Хонгконг и Макао“, соопшти Министерството за надворешни работи.

Одлуката да се вклучи Хонг Конг отвори вознемирувачки прашања во врска со автономијата на градот според договорот „една земја, два система“ меѓу Велика Британија и Кина.

„Ова е очигледно ескалација на принципот заб-за-заб меѓу Вашингтон и Пекинг. Но, обемот и силината е изненадувачки, непропорционален и невиден“, вели Јуен Чан, постар предавач по новинарство во Сити универзитет во Лондон.

„Особено е невообичаено и вознемирувачко што Хонгконг и Макао се вклучени во ограничувањата. Во минатото, американските дописници кои беа исфрлени или доживеале одложувања на визите работеле во бироата на нивната организација во Хонгконг – сега тоа нема да биде можно “.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео рече дека жали за одлуката на Кина и се надева оти Пекинг ќе ја преиспита, велејќи дека овој потег ќе го лиши светот на информациите во „неверојатно предизвикувачки“ времиња предизвикани од корона вирусот.

Од трите весници, чиј персонал е протеран – и два други медиуми од САД, „Тајм“ и Глас на Америка, ќе се бара „да напишат во писмена форма информации за нивниот персонал, финансиите, работењето и недвижностите во Кина“.

Кина соопшти дека реагира на американскиот потег минатиот месец за заострување на контролата врз кинеските државни организации за медиуми, класифицирајќи ги како странски мисии.

„Во последниве години, американската влада постави неоправдани ограничувања на кинеските медиумски агенции и персонал во САД, намерно ги отежнуваа работите во нивните нормални задачи за известување и ги подложи на растечка дискриминација и политички мотивирано угнетување“, објави кинеското министерство за надворешни работи.

„Горенаведените мерки се целосно неопходни и реципрочни контрамерки што Кина е присилена да ги преземе како одговор на неразумното угнетување што кинеските медиумски организации го искусија во САД“. (Гардијан)