Кина ја загрозува автономијата на Хонг Конг

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека усвојувањето на законот за безбедност во Хонг Конг од страна на Кина го нарушил високиот степен на автономија на Хонг Конг и претставува закана за слободите и правата заштитени со Заедничката декларација од 1984 година.

– Усвојувањето и наметнувањето на овој закон за национална безбедност е јасно и сериозно кршење на кинеско-британската заедничка декларација, изјави Џонсон во Парламентот.

Според него, тој закон го крши високиот степен на автономија на Хонг Конг и е во директен конфликт со основниот закон на Хонг Конг.

Тој изјави дека, доколку Кина продолжи по овој пат, Велика Британија ќе им овозможи на оние што имаат британски прекуморски статус да живеат и работат во Велика Британија, а подоцна да аплицираат за државјанство.