Кина ја стопира испораката на течен природен гас во ЕУ


Кина им препорача на државните увозници да престанат со препродажба на течен природен гас (LPG) на странски клиенти, бидејќи владата сака да обезбеди безбедно снабдување на своето население во зимската грејна сезона, објави денеска агенцијата „Блумберг“.

Упатени во оваа работа изјавија за американската новинска агенција дека Националната комисија за развој и реформи побарала од компаниите PetroChina, Sinopec и CNOOC да ги зачуваат зимските залихи за домашна употреба, пренесува Rasha Today (RT).

Домашната побарувачка за енергија во Кина е намалена во последните месеци, што го натера Пекинг да го препродаде вишокот на LPG на глобалниот пазар. Меѓу главните купувачи беа Европа, Јапонија и Јужна Кореја.

„Кина има големи договори за купување на LPG со извозници како што се САД, па трговците од таа азиска земја пренасочуваат дел од своите пратки во Европа оваа година поради слабата побарувачка дома“, соопшти њујоршката агенција.

Бројките покажуваат дека испораките на гас од Русија во Европа паднале од 40 отсто на девет отсто, додека увозот на LPG во Европската унија пораснал за 60 отсто на годишно ниво, и покрај тоа што е многу поскап од испораките на гасоводот.

Сепак, сегашните прогнози за мал дефицит во снабдувањето со гас веројатно го поттикнаа Пекинг да го направи овој потег, бидејќи владата вети дека ќе ги загрее домовите оваа зима. Претседателот Си Џинпинг, исто така, се осврна на прашањата за енергетската безбедност за време на неговиот двочасовен говор во неделата.

Според Блумберг, намерата на Кина да обезбеди домашно снабдување со гас може да ги исцрпи пратките во Европа и да ја влоши енергетската криза во регионот оваа зима.