Кина ја презеде контролата врз американскиот конзулат во Ченгду


Толпи луѓе се собраа пред конзулатот да го снимат спуштањето на американското знаме

Знамето на САД е спуштено во американскиот конзулат во Ченгду, пред кинеското министерство за надворешни работи да објави дека дипломатскиот пост официјално е затворен во 10 часот.

Кина во петокот нареди затворање како одговор на наредбата на Вашингтон да се затвори кинескиот конзулат во Хјустон.

Полицијата во Ченгду го ограничи пристапот до областа околу конзулатот во понеделникот наутро, а четворица службени лица во лична заштитна опрема можеа да се видат како одат кон конзулатот околу 10,24 часот по локално време.
„Кинеските власти влегоа преку влезот и го презедоа“, се вели во изјавата на Министерството за надворешни работи.

Локалните жители во Ченгду, град од 16,5 милиони луѓе, се собраа во конзулатот во неделата, правејќи селфи и мавтаа со кинески знамиња, додека властите се подготвуваа да ја отстранат официјалната плоча.

Тензиите меѓу двете земји во врска со трговијата и корона вирусот се зголемија минатата недела кога во вторникот САД наредија затворање на конзулатот на Кина во Тексас, велејќи дека станува збор за место на шпионажа и кражба на интелектуална сопственост.

Еден минувач започна националистичко скандирање и брзо беше замолчен, се гледа во видеото објавено на социјалните медиуми. Пекинг не дал датум за затворање на конзулатот, но во саботата повеќето од обележја беа симнати од зградата.

САД имаат амбасада во Пекинг, како и пет конзулати во Кина, вклучувајќи го и тој во Ченгду – плус еден во Хонгконг. Конзулатот во Ченгду го опфати југозападниот дел на земјата, вклучително и Тибет. Многу Тибетанци ја обвинуваат централната власт за верска репресија и уништување на нивната култура.

Кинеското министерство за надворешни работи го објави затворањето на конзулатот во петокот и рече дека претставува „легитимен и неопходен одговор на неразумните мерки на Соединетите Држави“.

„Некои вработени во американскиот конзулат во Ченгду беа ангажирани во активности надвор од нивниот капацитет, се мешаа во внатрешните работи на Кина и ги загрозија безбедноста и интересите на Кина“, рече портпаролот Ванг Венбин.

Работник ја симнува официјалната плоча на конзулатот (Фото: Ројтерс)

Кинеските националисти повикаа на построг одговор од властите, како што е затворањето на американскиот конзулат во Хонгконг, потег што дополнително ќе ги зголеми тензиите.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави во четвртокот дека кинескиот конзулат во Хјустон е „центар за шпионирање и кражба на интелектуална сопственост“. Четвртиот по големина град во САД, Хјустон, е главен глобален центар за медицински и биолошки истражувања.

Властите во Вашингтон рекоа дека обидите да украдат тајни на тие полиња пораснале премногу за да се игнорираат. (АФП)