Кина ја одобри својата прва вакцина против коронавирусот, на „Синофарм“

Кина, со одредени услови, ја одобри за употреба својата прва вакцина против коронавирус, изработена од државната фармацевтска компанија „Синофарм“, јави ДПА.

Одобрението, објавено денеска од Заедничкиот механизам за превенција и контрола на Државниот совет, уследи еден ден откако „Синофарм“ соопшти дека е утврдено дека нејзината вакцина има 79,3-процентна ефикасност во прелиминарните резултати од последната трета фаза од тестирањето.

Кина има за цел да вакцинира најмалку 50 милиони луѓе пред почетокот на празниците по повод Лунатата Нова Година, кон средината на февруари, со цел да го спречи ширењето на вирусот, бидејќи се очекува за време на празниците стотици милиони луѓе да патуваат за своите домови, пренесе ДПА.

Покрај „Синофарм“, уште три кинески компании, „Анхуи Жифеи Лонгком“, „КанСино“ и „Синовак“, се наоѓаат во последната трета фаза од клиничките испитувања на вакцината.

Чен Шифеи, заменик директор на Националната администрација за медицински производи во Кина, денеска на прес-конференција кажа дека Агенцијата ја повикува „Синофарм“ да продолжи да ги следи трајноста и ефектите на вакцината.

Стапката на ефикасност на вакцините на Синофарм е зад оние пријавени од американските компании: „Фајзер“ со 95 проценти еикасност и на „Модерна“ со 94 проценти. Меѓутоа, за разлика од вакцините во САД, што треба да се чуваат на температура до минус 70 степени целзиусови, кинеската вакцина може да се чува на нормална температура на фрижидерот.

Кина вети дека својата вакцина ќе ја направи достапна за другите земји во развој, додава ДПА.