Кина и ЕУ си подаваат рака за зајакнување на трговските врски


Кина и ЕУ денеска се согласија на самитот во Брисел за зајакнување на трговските врски и ветија дека ќе работат на значително подобар пристап на пазарот, елиминација на  дискриминаторските барања и практики, кои ги засегаат странските инвеститори.

Европските лидери Доналд Туск и Жан Клод Јункер и кинескиот премиер Ли Кечијанг разговараа за овие прашања пред да соопштат дека постигнале напредок во трговските односи.

-Преговорите беа тешки, но на крајот вродија со плод. Успеавме да се согласиме на заедничка изјава, која ја одредува насоката на нашето партнерство базирано на реципроцитет, рече Туск.

„Влоговите” на годишниот самит беа високи, со двонасочна трговија меѓу ЕУ и Кина во вредност од околу 575 милијарди евра годишно. ЕУ е најголем трговски партнер на Кина, додека за ЕУ само САД се поголем партнер.

Лидерите, исто така, разговараа за политиката на Кина да ги принуди странските компании да се откажат од интелектуалната сопственост како услов за пристап до својот голем и растечки пазар – што е прашање кое Вашингтон го направи централна тема во трговски спор со Пекинг.

Во завршната изјава се вели дека двете страни се согласија дека не треба да има присилен пренос на технологија.