Кина и Белорусија повикаа на примирје во Украина


 

Лидерите на Кина и Белорусија, Ши Џинпинг и Александар Лукашенко, објавија заедничка изјава во која повикуваат на прекин на огнот во Украина и преговори за политичко решение на конфликтот.

Заедничкиот повик претставува одобрување на мировниот план на Пекинг објавен минатата недела со кој се бара почитување на националниот суверенитет и „територијалниот интегритет“. Во документот од 12 точки не е наведено што ќе се случи со регионите што Русија ги окупира од инвазијата.

Кинеската државна телевизија ЦЦТВ ја цитираше изјавата на Ши:

„Сржта на ставот на Кина е да повика на мир и да охрабри разговори… и да се почитуваат легитимните безбедносни грижи на сите земји“.

Во врска со САД и нивните сојузници, тој додаде:

„Релевантните земји треба да престанат да политизираат и да ја користат светската економија како нивна алатка и да преземат мерки кои навистина ќе го унапредат прекинот на огнот и да престанат со војна и мирно да ја решат кризата“.

Белорусија „целосно се согласува и ја поддржува позицијата и предлозите на Кина за политичко решение на украинската криза, што е од големо значење за решавање на кризата“, рече Лукашенко, цитиран од ЦЦТВ.